Администрацијата на Израел не е возможно да соработува со НАТО откако ги погази сите принципи / Фото: AA

Обидите за соработка со Израел во рамките на НАТО не се прифатливи за Туркије, изјави во четвртокот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, известува Анадолу.

„Додека не се воспостави сеопфатен, одржлив мир во Палестина, Туркије нема да одобри обиди за соработка со Израел во рамките на НАТО“, рече претседателот Ердоган на прес-конференцијата на последниот ден од самитот на НАТО во САД.

Нагласувајќи дека во средина во која глобалната совест излегува на улиците на протести за да ги запре израелските напади врз палестинските цивили, Ердоган рече дека е неприфатлива постојаната воена поддршка за Израел.

„Администрацијата на Нетанјаху, со својата експанзионистичка и непромислена политика, ја загрозува безбедноста не само на своите граѓани туку и на целиот регион“, нагласи Ердоган.

„Не е можно израелската администрација, која ги погази темелните вредности на алијансата, да го задржи партнерството со НАТО“, рече Ердоган во своето обраќање.

Зборувајќи за злосторствата што Израел ги спроведува во Појасот Газа, Ердоган истакна:

„За време на сите контакти го насочувам вниманието кон злосторствата што се во тек на окупираните палестински територии, особено во Газа. Ги повикувам сојузниците да го зголемат притисокот врз администрацијата на Нетанјаху за да се обезбеди прекин на огнот и да се испорача помош за Газа, која девет месеци се соочува со глад.“

Претседателот на Туркије, кој во Вашингтон се сретна и со украинскиот колега Владимир Зеленски, во своето обраќање се осврна и на прашањето за Украина и рече:

„Тука отворено ги искажав моите ставови дека никогаш не треба да се дозволи НАТО да стане страна во војната во Украина.“

Турскиот претседател Ердоган стави посебен фокус на борбата против тероризмот, нагласувајќи дека неговата земја очекува солидарност од своите сојузници во борбата против тероризмот, една од двете главни закани што ги идентификуваше НАТО.

„Гледаме дека има потреба од зајакнување на соработката меѓу сојузниците во борбата против тероризмот. Не е возможно да го прифатиме погрешниот однос што некои наши сојузници го воспоставија, особено со ПЈД-ЈПГ, со проширувањето на терористичката организација ПКК во Сирија“, истакна Ердоган.

По самитот на НАТО турскиот лидер зборуваше и за Шангајската организација за соработка и рече:

„Наша цел е да станеме постојана членка на Шангајската организација за соработка, а не да бидеме набљудувач.“

Ердоган рече дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден за прашањето за борбениот авион Ф-16, при што неговиот американски колега му рекол дека ќе го реши проблемот во рок од три до четири недели.

AA
Популарни