Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, по средбата во Багдад со ирачкиот премиер Мохамед Шија Ал Судани, рече дека Стратешкиот рамковен договор потпишан меѓу Туркије и Ирак претставува „цврста мапа на патот“.
„Верувам дека мојата посета и штотуку потпишаните договори ќе претставуваат нова пресвртница во односите меѓу Туркије и Ирак“, рече Ердоган на прес-конференција по средбата со ирачкиот премиер Судани во Багдад, главниот град на Ирак.
Двете земји потпишаа и 24 договори за соработка, при што Ердоган рече дека одлучиле да формираат заеднички постојани комитети за да го олеснат продолжувањето и следењето на техничките преговори во многу области како што се безбедноста, антитероризмот, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, животната средина, прекуграничните води, здравството и образованието.
„Ќе ја обезбедиме потребната координација за спроведување на договорите што ги потпишавме“, додаде тој.
Според Ердоган, двете земји достигнале обем на тргување од 20 милијарди долари и се стремат да го зголемат.
По средбата меѓу Ердоган и Ал Судани, беше потпишан меморандум за разбирање во врска со соработката на проектот “Развоен пат“ меѓу Ирак, Туркије, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
„Стратешкиот рамковен договор за заедничка соработка што го потпишавме со премиерот Судани претставува силен патоказ“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се на средбите со премиерот Судани и со претседателот на Ирак Абдул Латиф Рашид, Ердоган рече дека соработката во областа на безбедноста и борбата против тероризмот е една од најважните точки на дневниот ред.
Тој додаде дека Туркије го поздравила прогласувањето на ПКК за забранета организација во Ирак. „Разговаравме за можни заеднички чекори против терористичката организација ПКК и нејзините ограноци чија цел од ирачка територија е Туркије “, подвлече Ердоган.
Двајцата лидери се осврнаа и на израелските напади врз Газа.
„Разговарав со моите ирачки колеги за последиците од израелското насилство во Палестина врз нашиот регион и се консултирав за заедничките чекори што можеме да ги преземеме“, рече Ердоган.
Во контекст на зголемените тензии меѓу Иран и Израел, Ердоган ги потсети сите релевантни страни да избегнуваат чекори кои водат до ескалација на тензиите.
Во градот Ербил продолжува посетата на Ердоган на Ирак.