Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Техеран се сосатана со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси на разговори за билатерални и регионални прашања.
Ердоган и Раиси ќе копретседаваат со седмиот состанок на Турско-иранскиот совет за соработка на високо ниво, на кој ќе се разговара за сите аспекти на билатералните односи и потенцијалните чекори за подобрување на билатералната соработка.
Се очекува турскиот претседател да се состане и со врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
Средба со Путин
Ердоган и Раиси подоцна ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин на седмиот трилатерален состанок на шефовите на држави-гаранти на процесот од Астана, чиј домаќин ќе биде иранскиот претседател.
На дневен ред на самитот ќе бидат последните случувања во Сирија, борбата против терористичките организации, особено ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, кои претставуваат закана за регионалната безбедност, обидите за политичко решение, хуманитарната ситуација и доброволното враќање на Сиријците во нивните домови.
Претседателите на Туркије и Иран во рамките на самитот ќе имаат билатерална средба и со нивниот руски колега.
Мировниот процес во Астана, сега Нур Султан, започна во јануари 2017 година на иницијатива на Туркије, Русија и Иран. Неговите средби придонесуваат за напредок на дипломатскиот процес во Женева, кој се води под покровителство на Обединетите нации (ОН).
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.