Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети денеска во израелски напади врз либанската провинција Балбек-Хермел, соопшти шефот на регионот Бакир Ходр.
Тој на платформата Х напиша дека акцијата за спасување е во тек.
Израелските сили претходно ја нападнаа населбата Харет Хреик, во јужното предградие на Бејрут Дахија, набргу откако на жителите им наредиле да се евакуираат.
Според израелската армија, предградието Дахија е упориште на оперативците на либанската милитантна група Хезболах и од октомври често е мета на израелски авиони.
Истовремено, израелските сили издадоа наредба за евакуација во либанскиот град Тир, пред да извршат воздушен напад врз населбата Ал Хош, наведува Ал Џезира.
Од октомври минатата година, повеќе од 3.500 луѓе се убиени во израелските напади врз Либан, додека речиси 15.000 се повредени, покажуваат податоците на либанското Министерство за здравство.