Европската Унија би требало до 2029 година да добие флота од авиони за гаснење пожари од типот „канадер“ кои би биле во нејзина сопственост, потврдено е од кабинетот на европратеникот и европски претставник за кризно управување Јанез Ленарчиќ.
Дванаесетте авиони од типот „канадер“ ќе бидат во сопственост на Унијата и ќе може да делуваат на најзагрозените подрачја, кога ќе има потреба од интервенција.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, иницијативата за тоа ја дале Хрватска, Португалија, Шпанија, Италија и Грција. Засега во проектот не е Словенија која всушност со помош на Европската Унија и соседните држави се бореше со големиот пожар на Крас.
Ленарчиќ овие денови во Словенија го посети опожареното подрачје. Тој потврди дека Европската Комисија, во март оваа година во преговори со производителот на авиони за гаснење, постигнала договор за купување 12 „канадери“ до 2029 година, при што најмалку два производителот би требало да испорача до 2026 година.
„Сега државите треба да потпишат обврзувачки договори за купување со што производството на „канадери“ кое беше во застој да продолжи”, изјави Ленарчиќ за словенечките медиуми.
На тој начин механизмот на Европската Унија за цивилна заштита (rescEU) би добил сопствена флота на авиони за гаснење, додека сега државите членки кои имаат такви авиони можат да им помогнат на останатите.
„Факт е дека моменталната состојба со пожарите во дел од Европа е критична. Имаме истовремено големи пожари во бројни држави од Португалија, преку Шпанија, Франција, Италија, Хрватска, Грција па и во Словенија”, рече Ленарчиќ.
Тој додаде дека претставува силно оптоварување за националните капацитети на државите, со оглед дека стигнуваат повеќе молби за помош при гаснењето од земјите кои немаат нивни „канадери“.
„И покрај тешката ситуација повторно дојде до израз европската солидарност во Европа. Државите меѓусебно си помагаат иако и самите имаат проблеми. И Словенија исто така доби помош”, изјави Ленарчиќ.
На прашањето за можноста Словенија да се приклучи на иницијативата за купување 12 „канадери“ за флотата на rescEU, кабинетот на премиерот Роберт Голоб одговори за словенечките медиуми дека веќе и дал јасни насоки на својата Влада.
„Дадена е јасна насока да се зајакнат капацитетите на државата за гаснење од воздух и да се подготви целосно решение за тоа кои капацитети можат да се набават во најкраток можен рок. Со оглед на ситуацијата во која бројни членки на ЕУ се соочуваат со почести природни катастрофи, Словенија ќе покрене иницијатива дополнително да се зајакнат тие капацитети на ниво на Европска Унија”, соопштија од кабинетот на Голоб за словенечката агенција СТА.
Што е „канадер“?
„Канадерите“ се големи авиони специјално дизајнирани за борба со шумски пожари. Најчесто се употребува моделот CL-415 кој може да собере над 6.000 литри вода. Ваков тип на авиони користат противпожарните служби на Италија, Хрватска, Грција, Шпанија и други.