ЕУ ќе ги враќа модуларните телефони: Корисниците да си менуваат делови / Photo: Reuters

Европската Унија (ЕУ) планира да донесе нова регулатива со која на производителите на смартфони и друга потрошувачка електроника ќе им наложи да овозможат пристап до батеријата која корисниците по потреба ќе може сами да ја променат.

Новата регулатива, која ќе стапи на сила во 2027 година, ќе им гарантира на корисниците сами и без потешкотии да ги менуваат дотраените батерии. Корисниците ќе можат сами, без дополнителни трошоци и без посебни претходни знаења да ја сменат батеријата со нова.

Во последните пет-шест години речиси секој производител на смартфони, таблети и лаптопи целосно го запечатува уредот. Без интервенција на овластен сервисер не може да се отвори куќиштето, а батериите се вградени во самата рамка.

Процесот на поправка на еден модерен телефон може да биде многу скапа и затоа корисниците најчесто ги обновуваат смартфоните на секои две години, иако притоа имаат уред кој ги поседува сите модерни спецификации.

Главниот проблем на батериите е што со секое полнење се троши животниот циклус, па така постепено се намалува нивниот капацитет. Со интензивна употреба на апликации, социјални мрежи и чести селфи фотки, уред стар само две години, не може да се користи без најмалку две полнења дневно на батеријата.

Исто така и софтверски постои опција за намалување на дел од перформансите за да се задржи животниот циклус на батеријата, но и тука корисниците се соочени со принуден компромис - 100% батерија или 100% перформанси.

Заборавената визија на модуларните смартфони

Пред десетина години „Гугл“ (Google) кој тогаш ја купи „Моторола“ (Motorola) го развиваше проектот Ara замислен како првиот модуларен смартфон.

Идејата беше модуларниот смартфон да располага со основна рамка врз која како лего коцки ќе се местат компонентите, од батеријата, камерата, процесорот и сите останати делови.

Првите прототипи ја воодушевија јавноста и смартфон ентузијастите. Веќе вториот модел имаше и атрактивен дизајн кој навестуваше дека можеби токму ова е иднината на смартфон индустријата.

Сепак, во 2015 и официјално „Гугл“ се откажа од проектот „Ара“, а со тоа спласна и ентузијазмот кај останатите производители.

Главен „изговор“ беше дека овие модели не се комерцијално изводливи. Но, производителите отидоа и во друга крајност. Сите внатрешни компоненти ги направија интегрирани врз самата плоча.

Така, освен трошоците за корисниците се зголеми и количината на електронски отпад. Во 2022 година на депонија завршиле над 5 милијарди мобилни телефони, оценува Меѓународниот форум за електронски отпад (ВЕЕЕ).

Само 17% од електронскиот отпад се рециклира, а Обединетите Нации поставија таргет од 30% до крајот на годинава.

TRT Balkan
Популарни