Дер Лајен и Коста додоа дека Европа го дава својот целосен придонес во воената помош за Украина и ја истакнаа потребата од зголемување на одбранбените капацитети на Европа / Photo: Ursula von der Leyen Instagram

Украина заслужува мир кој ги почитува нејзината независност и територијален интегритет, со силни безбедносни гаранции, изјавија претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен по состанокот во Париз.

Во понеделник попладне во Париз заедно со Дер Лајен и Коста се собраа лидерите на седум земји членки на ЕУ- Франција, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Холандија и Данска, како и на Велика Британија, претседателите на Европскиот совет и комисија и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Состанокот беше свикан на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за да се обиде да најде заеднички одговор во врска со безбедноста на континентот откако САД се обидоа да постигнат договор за Украина и европската безбедносна архитектура без Европејците.

„Украина заслужува мир кој ќе ја почитува нејзината независност, територијален интегритет и силни безбедносни гаранции“, порачаа лидерите на двете европски институции во заедничката порака на социјалните мрежи.

Тие додадоа дека Европа го дава својот целосен придонес во воената помош за Украина и ја истакнаа потребата од зголемување на одбранбените капацитети на Европа.

Германскиот канцелар Олаф Шолц по средбата повика на единство меѓу Европа и САД околу одговорноста за безбедноста на Украина.

„Не смее да има поделба на безбедноста и одговорноста меѓу Европа и САД. Со други зборови, НАТО се заснова на фактот дека ние секогаш дејствуваме заедно и делиме ризици, а со тоа ја обезбедуваме нашата безбедност. Ова не смее да се доведува во прашање“, рече Шолц.

Тој додаде дека е „изнервиран“ од дискусијата за испраќање мировници во Украина по завршувањето на војната.

„Многу е несоодветно да се зборува за ова пред да се донесе одлука за мировниот план. Го поздравуваме фактот дека се водат разговори за развој на мировен план, но едно е сигурно- тоа не значи дека Украина мора да го прифати она што и е претставено“, изјави Шолц за новинарите пред германската амбасада во Париз.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека мора да има американска безбедносна посветеност како дел од планот европските земји да испратат повоени мировни сили во Украина и дека е премногу рано да се каже колку британски војници ќе биде подготвен да распореди.

„Европа мора да ја одигра својата улога, а јас сум подготвен да размислувам за испраќање британски сили на теренот заедно со другите, доколку има траен мировен договор. Но, мора да има американска поддршка, бидејќи американската безбедносна гаранција е единствениот начин ефикасно да се одврати Русија од повторно напад на Украина“, им рече Стармер на новинарите.

TRT Balkan / агенции
Популарни