Одлуката на Русија да ја намали испораката на гас ја принујди ЕУ да ја намали потрошувачката / Photo: Reuters

Војната во Украина и одлуката на Русија да ја намали испораката на гас во Европа долгорочно придонесoa за дополнително намалување во потрошувачката на овој енергенс во рамки на Европската унија. Последните податоци, покажуваат дека ЕУ не само што успеа да го исполни планот за намалување на побарувачката на гас туку и го надмина.

Регулативата за координираните мерки за намалување на побарувачката за гас, која е дел од планот REPowerEU за ставање крај на зависноста на ЕУ од руските фосилни горива, имаше цел за намалување од 15 отсто.

Но потрошувачката на природен гас во ЕУ е намалена за 17,7 отсто во периодот од август 2022 до март 2023 година, во споредба со просечната потрошувачка на гас за истите месеци од 2017 до 2022 година, објави Евростат. Само седум членки на Унијата не го исполниле бараното намалување од 15 отсто кое има тенденција за ставање крај на зависноста на Европската Унија од руските фосилни горива.

Во кои земји има најголемо намалување?

Податоците покажуваат дека поголемиот дел од земјите на ЕУ ја постигнале целта за намалување на потрошувачката од 15 отсто. Исклучок се Ирска каде има намалување од 0,2 отсто, Словачка со намалување од само 1 отсто, Шпанија каде намалувањето е 10,8 отсто, Полска - 12,5 отсто, Словенија -13,8 отсто и Белгија која речиси и да го исполнила условот со намалување од 14,5 отсто. Пораст од 12,7 отсто во потрошувачката забележа само Малта.

Потрошувачката падна најмногу во Финска за 55,7 отсто, во Литванија за 40,5 отсто во и Шведска за 37,2 отсто.

Најголеми намалувања во втората половина на 2022

Ако се анализира целиот период од јануари 2022 до март 2023 година ќе се види дека потрошувачката е постојано под просекот од периодот од 2017 до 2022 година. Помеѓу јануари и јули 2022 година, потрошувачката на природен гас во ЕУ варираше помеѓу 1.938 петаџули во јануари и 785 петаџули во јули, што укажува на месечно севкупно намалување, дури и пред да се постави целта за 15 отсто. Сепак, најголемите намалувања се забележани во вториот дел од 2022 година, почнувајќи од август, со намалување на потрошувачката од 14 отсто, потоа 14,3 отсто во септември, 24,4 отсто во октомври, 25 отсто во ноември и 12,3 отсто во декември.

Според Евростат, во 2023 година има намалувања од 19 отсто во јануари и 14,7 отсто во февруари. Потрошувачката на природен гас во март 2023 година достигна пад од 17,1 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни