Европската Комисија денеска и понуди пакет помош на Украина во вредност од 18 милијарди евра. Помошта е во вид на заеми кои Украина би ги добила следната година, а ќе почне да ги враќа од 2033 година и ќе има рок од 35 години да ги отплати. Каматата на кредитите ќе ја плаќа ЕУ.
Финансиска помош, која ЕУ ја дефинира како „редовна и предвидлива“, ќе се дава секој месец во износ од 1,5 милијарди евра. На овој начин ќе се задоволат дел од краткорочните потреби за финансирање на Украина, кои се проценуваат на три до четири милијарди евра месечно.
Пакетот за помош е наменет за исплата на платите на вработените во јавниот сектор и пензионерите во Украина и за обезбедување продолжување на јавните услуги како што се болниците и училиштата.
Европската Комисија, исто така, наведува дека макроекономската стабилност на Украина и реконструкцијата на нејзината инфраструктура оштетена од војната со Русија ќе бидат можни благодарение на пакетот.
Покрај овие, ЕК предвидува дека пакетот помош ќе помогне во спроведувањето реформи во области како што се владеење на правото, добро владеење и борба против корупцијата во Украина.
За да стапи во сила предлогот што го подготви Комисијата на ЕУ, тој треба да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кој го сочинуваат земји од ЕУ.