Европската унија денеска соопшти дека ѝ наредила на социјалната мрежа ТикТок да ги замрзне податоците поврзани со претседателските избори во Романија.
Официјални претставници на ЕУ издадоа „наредба за задржување“ на податоците, според сеопфатниот Закон за дигитални услуги, кој регулира како функционираат најголемите светски социјални мрежи во Европа.
Овој потег уследи истиот ден кога САД изразија загриженост за потенцијалното странско мешање во изборите во Романија, откако прорускиот националист Калин Ѓорѓеску победи во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември.
И романското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека властите откриле „малициозни странски операции како нелегално финансирање, дигитално засилување и кибернапади“ насочени кон изборите, чиј прв круг беше нарушен со наводи за изборни прекршувања и руско мешање.
„Декласифицираните извештаи покажуваат невидено и значително странско мешање кон демократските институции и процеси“, соопшти Министерството. „Тие се дел од континуиран обид да се поткопа цврстата посветеност на Романија кон евроатлантските вредности и нашето членство во ЕУ и НАТО“, соопшти министерството.
Документите декласифицирани од романските безбедносни службеници вчера покажуваат дека Ѓорѓеску бил масовно промовиран на платформата ТикТок преку координирани нарачки, алгоритми за препораки и платена промоција.
Самиот Ѓорѓеску најави дека не потрошил ниту еден динар за кампањата.
Документите сугерираат дека Романија била цел на „агресивни хибридни руски напади“.
Русија негираше какво било мешање во изборната кампања во Романија.
„Веќе соработувавме со Европската комисија и ќе продолжиме да го правиме тоа. Со нетрпение очекуваме да ги утврдиме фактите во светлината на некои од шпекулациите и неточните извештаи што ги видовме“, рече портпаролот на ТикТок.