Најновиот пакет кој ќе обезбеди итна помош со храна, засолниште и здравствена заштита / Photo: Reuters

ЕУ објави дополнителна хуманитарна помош во вредност од 30 милиони евра за Либан, со што вкупниот износ ќе достигне над 100 милиони евра за 2024 година.

Помошта за оние на кои им е најпотребна во Либан, доаѓа како додаток на веќе објавените 10 милиони евра на 29 септември, се вели во соопштението на Европската комисија.

Најновиот пакет кој ќе обезбеди итна помош со храна, засолниште и здравствена заштита.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја изрази својата загриженост поради „постојаната ескалација на тензиите“ на Блискиот Исток, повикувајќи ги страните да направат се за да ги заштитат животите на невините цивили.

„Денес, ја засилуваме нашата хуманитарна помош за народот на Либан. Нашето ново финансирање ќе обезбеди цивилите да ја добијат многу потребната помош во овој многу тежок период“, рече таа.

„Продолжуваме да повикуваме на прекин на огнот преку границата со Либан и во Газа, како и за ослободување на сите заложници“, додаде фон дер Лајен.

Во средата, генералниот секретар на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди дека болниците во Либан се „преоптоварени“ од приливот на повредени пациенти поради тековниот конфликт меѓу Израел и Хезболах.


Регионалните тензии ескалираа поради бруталната офанзива на Израел на Појасот Газа, во која загинаа речиси 41.700 луѓе, главно жени и деца, по нападот на Хамас во октомври минатата година. Конфликтот се прошири во Либан, а Израел започна со смртоносни напади низ целата земја, во кои загинаа 1.928 луѓе, а беа повредени речиси 9.300 други од 23 септември.

Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го прераснат конфликтот во Газа во поширока регионална војна.

AA
Популарни