ЕУ обезбеди калиум јодид за Украина поради закана од нуклеарна експлозија     Фото: Reuters

Европската унија ѝ донираше на Украина 5,5 милиони таблети калиум јодид, соопшти денеска Европската комисија, поради постојаната закана од експлозија во најголемата европска нуклеарна централа Запорожје.

„Таблети со вкупна вредност од половина милион евра ќе бидат испратени како превентивна безбедносна мерка за зголемување на нивото на заштита околу нуклеарната централа Запорожје“, соопшти Европската комисија.

Пет милиони таблети се обезбедени од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, додека Австрија дава дополнителни 500.000 таблети на барање на Владата на Украина.

„Ќе продолжиме да бидеме будни и подготвени да дејствуваме, бидејќи подготвеноста спасува животи“, изјави европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Тој рече дека ниту една нуклеарна централа никогаш не треба да се користи како театар на војна и повика на итен прекин на воената акција околу централата во Запорожје.

Таблетите со калиум јодид обезбедуваат заштита во случај на изложеност на високо ниво на радијација при нуклеарна експлозија.

Неодамна, електраната во Запорожје беше привремено исклучена од украинската електрична мрежа откако во гранатирање беше запален и последниот преостанат далновод.

Руските сили ја зазедоа критичната електрана веднаш по почетокот на војната во Украина на 24 февруари.

Оттогаш, меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, Обединетите нации и Соединетите Држави, постојано ја предупредуваа Москва да не ја користи централата како штит во нападите на нејзините сили врз Украина и да престане да ги прекршува правилата за нуклеарна безбедност.

Вчера Русија соопшти дека ја смета за неопходна посетата на претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на нуклеарната централа Запорожје во Украина.

Фабриката во Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, која произведува околу 20 отсто од електричната енергија во Украина.

AA
Популарни