Амбасадорите на Европската Унија денеска одобрија исплата на првата транша од околу 4,2 милијарди евра, во рамките на фондот за обезбедување финансиска поддршка за Украина во нејзиното закрепнување, обнова и модернизација.
„Амбасадорите денес ја одобрија првата транша во рамките на Украинскиот план, отворајќи го патот за трансфер од речиси 4,2 милијарди евра за поддршка на закрепнувањето, обновата и модернизацијата на Украина“, соопшти унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
Украинската Влада го претстави „Украинскиот план“ во март 2024 година. Планот беше предуслов за добивање средства и во него е претставена визијата на Украина за закрепнување, обнова и модернизација на земјата и реформите планирани како дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Во планот се нагласуваат структурните реформи и инвестициите во секторите со најголем потенцијал за раст. Во него се содржани планираните подобрувања во јавната администрација, со акцент на доброто владеење, почитувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и измамата.
Исплатите за Украина од страна на ЕУ ќе бидат извршени под услов да се имплементираат договорените реформи и инвестиции преку квалитативните и квантитативните чекори наведени во соодветната одлука на Советот.
Финансиската поддршка ќе биде достапна под услов Украина да продолжи да ги поддржува и почитува ефективните демократски механизми.
Вкупниот износ од 50 милијарди евра ќе биде обезбеден преку грантови и заеми во периодот од 2024 до 2027 година.