ЕУ постигна историски договор за нов сет на правила за управување со миграцијата и азилот, рече претседателката на ЕП, Роберта Мецола / Photo: Reuters

Европската унија постигна договор за новите правила за системот за миграција и азил, изјави во средата претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во објава на социјалната платформа Х.

„ЕУ постигна историски договор за нов сет на правила за управување со миграцијата и азилот“, рече Мецола.

Според договореното, се заокружува сет од пет законски акти со кој се проширува опфатот на заедничката европска база на податоци за биометриски податоци на илегални мигранти и баратели на азил за подобар увид, соработка и откривање на лицата кои претставуваат безбедносен ризик, а се воспоставуваат механизми за управување со кризни ситуации.

Сеопфатниот пристап кон миграцијата и азилот поврзува ефикасна заштита на границите, повеќе ред и побрзи процедури, посилна борба против шверцот и злоупотребите, како и партнерства со трети земји.

Откако Европската комисија го претстави новиот предлог за Пактот за миграција и азил во 2020 година, следеа долготрајни политички преговори за едно од најконтроверзните прашања на европската политика.

Регулативите треба да бидат усвоени на пленарната седница на Европскиот парламент во април и ќе го обликуваат европскиот систем за миграција и азил во годините што следат.

TRT Balkan / агенции
Популарни