Австрија и Чешка поставија засилени контроли на границаата кон Словачка     Фото: АА

Дел од државите членки на Европската Унија ги враќаат граничните контроли во Шенген зоната по како што велат „напливот на мигранти претежно од Сирија“.

Од четвртокот на полноќ Австрија повторно воведе контроли на границата со Словачка. Ова го потврди и австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер. Претходно истото го стори и Чешка.

47.000 мигранти регистрирани во Австрија

Полицијата го набљудува влезот на сите возила во Австрија, а во случај на сомнеж врши претрес. Во оваа држава од почетокот на годината се регистрирани 47.000 мигранти. Најголемиот дел од нив се од Индија и Пакистан.

Австрија и во минатото воведуваше контроли на границата кон Словачка и Унгарија. Беа укинати откако се намали бројот на мигранти.

Чешката полиција привела 11 .000 мигранти

Чешка беше првата држава од ЕУ која воведе гранични контроли кон Словачка. Според министерот за внатрешни работи на Чешка, Вит Ракусан чешката полиција од почетокот на годината привела голем број мигранти.

„Над 1.000 отсто повеќе луѓе нелегално ја минале границата оваа година. Од почетокот на 2022 година полицијата приведе повеќе од 11.000 нелегални мигранти”, изјави Ракусан.

Жичани огради

Австрија, Чешка и Словачка заедно со Полска и Унгарија минатата година зазедоа заеднички став против преоѓањето во Европа на бегалците од Авганистан. Токму Унгарија и Полска во 2015 година го блокираа системот за обврзувачки квоти на мигранти меѓу земјите на ЕУ.

Унгарија беше првата држава од ЕУ која во 2015 се обиде да спречи илегален премин на мигранти со поставување на жичана ограда на границата кон Србија. Нејзиниот пример го следеа повеќе држави членки на ЕУ, но и најголем дел од земјите од регионот кои не се дел од неа.

Балканската рута повторно активна

Рутата на мигрантите која преку Балканот води до западноевропските држави повторно е активна. Минатата недела во полициска акција во Бугарија при потера на минибус беше уапсена група од 40 мигранти. Беспилотно летало на вооружените сили на Туркије пред дваесетина дена го забележа моментот кога грчката крајбрежна стража ги потисна мигрантите во чамец во турските води. Во Суботица во близина на границата на Србија со Унгарија се стационирани мигранти. Зголемен број обиди за илегален премин е регистриран и во Северна Македонија.

Германија крајна дестинација

Германија најчесто е крајната дестинација на мигрантите кои до таму сакаат да стигнат преку источноевропските земји. Министерот за внатрешни работи на Саксонија Армин Шустер пред десетина дена изјави дека ситуацијата е слична на онаа во 2016 година.

„Може да се случи оваа година на ниво на цела Германија да има и до 200.000 бегалци без бегалците од војната во Украина”, изјави Шустер.

Нов план на ЕУ

Европската комисија предложи нов план за распоредување на мигрантите кој наместо обврзувачките квоти го воведува механизмот на обврзувачка солидарност. Членките на Унијата ќе можат да одлучат меѓу одобрување на барањето за азил на мигрантите или да ја преземат обврската за нивно враќање во татковината.

TRT Balkan
Популарни