ЕУ штеди природен гас, повеќе произведува огревно дрво

ЕУ штеди природен гас, повеќе произведува огревно дрво

Потрошувачката на гас се намалила во 18 држави, а се зголемила во две земји од ЕУ.
За 20,1 процент има намалување во потрошувачката на природен гас во земјите од ЕУ во периодот од август до ноември годинава / Photo: Reuters

Намалување на потрошувачката на природниот гас како енергенс и зголемување на производството на огревно дрво во државите членки на Европската унија, покажуваат најновите податоците доставени од земјите членки до Евростат.

Нема опаѓачка тенденција кај сите членки

Податоците покажуваат дека потрошувачката на природен гас во ЕУ е намалена за 20,1% во периодот од август до ноември годинава во споредба со просечната потрошувачка на гас за тој период од 2017 до 2021 година. Иако ЕУ во рамки на планот REPowerEU за ставање крај на зависноста од руските фосилни горива постави цел за намалување на потрошувачката од 15% од август 2022 до март 2023, во споредба со просекот од истиот период изминатите пет години, сепак нема таква тенденција во сите земји членки.

Најголемо намалување во Финска, зголемување во Малта

Потрошувачката се намалила во 18 земји од Унијата. Најмногу во Финска 52,7% Латвија 43,2 % и Литванија 41,6 %. Шест земји-членки, иако ја намалуваат потрошувачката на природен гас, сè уште не ја достигнале целта од 15%. А зголемена е потрошувачката на природен гас во Малта за 7,1 % и Словачка за 2,6 %..

Зголемено производство на огревно дрво

Од друга страна, за разлика од гасот, дрвото се повеќе се користи како извор на обновлива енергија во ЕУ. Во 2021 година, производството на тркалезно дрво за огревно дрво во ЕУ изнесуваше 118,5 милиони кубни метри.

„Ова е зголемување од 4% во споредба со 2020 година (113,8 милиони кубни метри ) и зголемување од 3% во споредба со 2019 година (115,0 милиони кубни метри)”, објави Евростат.

Производството на тркалезно дрво за огревно дрво има постојан пораст во последниве години. Во 2019 година производството пораснало за 18 % во споредба со 2016 година. Во 2020 година се намалило поради мерките поврзани со спречување на пандемијата од Ковид-19.

Најголемо производство во Франција

Во 2021 година, петте земји-членки кои забележаа најголемо производство на огревно дрво беа Франција (26,7 милиони кубни метри), Германија (23,2 милиони кубни метрии), Финска (8,9 милиони кубни метри), Романија (6,4 милиони кубни метри) и Шведска (5,5 милиони кубни метри). Ова претставува вкупно до 65% од производството на огревно дрво во ЕУ.

Во споредба со 2020 година, најголемите зголемувања во производството на огревно дрво се забележани во Германија и Франција од 15% и Унгарија од 14%. Од друга страна, најголемо намалување забележале Луксембург од 23 %, Австрија 8 % и Естонија 6%.

TRT Balkan
Популарни