Набљудувачкиот орган на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека отвориле истрага за улогата на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во минатомесечното превртување на бродот со мигранти кај Грција, при што стотици луѓе веројатно се удавиле.
„Иако разбираме дека улогата на грчките власти е под истрага на национално ниво, треба да се разјасни и улогата на Фронтекс во операциите за пребарување и спасување“, се вели во соопштението на надзорното тело на ЕУ.
Омбудсманот на ЕУ, Емили О'Рајли, рече дека ќе разгледа широк спектар на документи во врска со одговорностите на Фронтекс и извештаите за други неодамнешни несреќи со загуба на животи во Медитеранот.
„Пријавено е дека во овој случај Фронтекс ги предупредил грчките власти за присуството на бродот и понудил помош, но не е јасно што друго можело или требало да направи“, додаде О'Рајли, која би требало да ја координира истрагата со грчкиот омбудсман Андреас Потаки.
Грчката крајбрежна стража, наводно, го игнорирала преполниот брод или се обидела да го одвлече од грчките територијални води, што најверојатно предизвикало негово превртување.
Набљудувачкиот орган на ЕУ, исто така, побара детали за тоа како информациите се споделуваат помеѓу агенцијата и властите на земјите членки.
Неодамна европратениците ги повикаа Грција и Европската комисија да започнат меѓународна и независна истрага за минатомесечниот смртоносен бродолом кај грчкиот брег.
Рибарскиот брод долг 30 метри се преврти и потона на 14 јуни на околу 80 километри од јужниот грчки приморски град Пилос. Во бродот имало околу 700 луѓе, меѓу кои и државјани на Пакистан, Сирија и Либија.
Преживеаја 104 луѓе, а пронајдени се 82 тела од речиси 700 мигранти што се наоѓаа на бродот.