ЕУ воведува построги цели против загадување на воздухот од 2030 / Photo: Reuters

Министрите на Европската унија официјално ги поддржаа построгите цели за намалување на загадувањето на воздухот од 2030 година, во обид подобро да ги заштитат луѓето и животната средина.

Речиси 300.000 смртни случаи годишно во ЕУ може да се припишат на здравствените последици од загадениот воздух, што го прави „најголем ризик по здравјето на животната средина во Европа“, соопшти ЕУ.

Новите ограничувања ќе важат за честичките ПМ10 и ПМ2,5, азот диоксид и сулфур диоксид кои предизвикуваат респираторни проблеми.

„Граѓаните ќе имаат право на отштета доколку се разболат поради непочитување на граничните вредности“, стои во соопштението.

Членките на ЕУ можат да побараат одложување на рокот до 2030 година, но под одредени услови.

Новите ограничувања се дел од договорот меѓу претставниците на Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ постигнат во февруари.

Членките на ЕУ имаат рок од две години да ги пренесат новите правила во националното законодавство. Земјите кои нема да ги почитуваат ограничувањата може да бидат казнети.

Целта на новите правила е да се одреди насоката на акциониот план на Европската комисија за нулта ниво на загадувачи во воздухот, водата и почвата до 2050 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни