На Европскиот ден за борба со трговијата со луѓе, ТРТ Балкан ви дава преглед на петте најважни факти поврзани со растечката опасност од трудова експлоатација

Земјите кои се дел од Советот на Европа, вклучувајќи ги и државите од регионот, се соочуваат со зголемена опасност од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Овие жртви најчесто без нивна волја стануваат модерни робови кои работат присилно, се држат во заложништво неретко со закани и физичко малтретирање, без документи и без никакви права и слободи. Најчесто се носат во странство каде им се одземаат пасошите со што се скратува нивната можност за бегство.

Според податоците на Меѓународната организација на трудот, околу 27,6 милиони луѓе во светот во моментов се на принудна работа, 86% од случаите во приватната економија и 14% на принудна работа наметната од државата. Тоа значи дека 3,5 лица се на принудна работа на секои илјада луѓе во светот. Жените и девојчињата сочинуваат 11,8 милиони од вкупните жртви, повеќе од 3,3 милиони од сите оние кои се на принудна работа се деца.

На Европскиот ден за борба со трговијата со луѓе, ТРТ Балкан ви дава преглед на петте најважни факти поврзани со растечката опасност од трудова експлоатација во земјите од Советот на Европа ,вклучувајќи ги и балканските држави.

Кои се најчести жртви?

Најчести жртви се мажите, но трудово се експлоатираат и жени и деца, предупредува експертската група на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) во пресрет на 18 октомври кој се одбележува како Европски ден за борба со трговијата со луѓе. Од ГРЕТА ја истакнаа итноста за справување со растечката закана од трговијата со луѓе која има за цел трудова експлоатација на жртвите.

„Трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација е во пораст низ земјите-членки на Советот на Европа, погодувајќи сè поголем број мажи, жени и деца. Се јавува во сите економски сектори, вклучувајќи ја домашната работа, нерегулираните сектори и неформалната економија“, вели Хелга Гајер, претседател на ГРЕТА.

Според неа, Советот на Европа воспоставил сеопфатни стандарди за да им помогне на државите да се справат со трговијата со луѓе.

„Тие неодамна беа дополнително зајакнати преку усвојувањето на новата препорака на Комитетот на министри со специфичен фокус на трговијата со луѓе за трудова експлоатација“, рече Гајер.

Главна форма на трговија со луѓе

Извештаите од мониторингот на ГРЕТА покажуваат дека трговијата со луѓе за трудова експлоатација стана главна форма на трговија со луѓе во се поголем број европски држави, со над 50% од идентификуваните жртви во земјите како Белгија, Латвија, Малта, Молдавија, Португалија и Обединето Кралство.

Што води до трговија за експлоатација?

Сиромаштијата, невработеноста и растечката неформална економија, заедно со побарувачката за евтина работна сила и услуги, се фактори кои водат до трговија со работна сила.

Жртвите се регрутираат преку социјални медиуми

Пандемијата „Ковид-19“ и руската агресија против Украина ја зголемија ранливоста на трговијата со луѓе. Сè повеќе жртви се регрутираат преку социјалните медиуми, а употребата на информатичка и комуникациска технологија претставуваат дополнителни предизвици за истрагата и гонењето на случаите на трговија со луѓе, како што е нагласено во неодамна објавениот тематски извештај на ГРЕТА.

Како да се спречи?

Новата препорака од Комитетот на министри на Советот на Европа ги повикува земјите-членки да усвојат национални закони, политики и стратегии за справување со трговијата со луѓе за трудова експлоатација.

Меморандумот содржи сеопфатен пакет мерки, кои ги опфаќаат регулирањето на пазарот на трудот и инспекциите, идентификацијата на жртвите, нивниот пристап до ефективни правни лекови и казнувањето на одговорните за прекршоци за трговија со луѓе. Посебно внимание се посветува на улогата на бизнисите и нивната должност да обезбедат дека нивните операции и синџири на снабдување се ослободени од експлоататорски практики, вклучително и трговија со луѓе.

Препораката се потпира на искуствата од работата на ГРЕТА, добрите практики и насоките за борба против трговијата со луѓе, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права и Европската социјална повелба.

TRT Balkan
Популарни