Европскиот совет денеска официјално ја именуваше новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен, со што го направи последниот чекор во постапката за формирање на Комисијата пред нејзиното преземање на функцијата на 1 декември годинава.
„Европскиот совет денеска ја именуваше Европската комисија по писмена постапка за периодот од 1 декември 2024 година до 31 октомври 2029 година“, соопштија од институцијата.
Назначувањето дојде откако Европскиот парламент во средата ја одобри новата Комисија, со која повторно ќе раководи Урсула фон дер Лајен во следните пет години.
Според Договорот за ЕУ, врз основа на согласност на Европскиот парламент, Комисијата ја именува Европскиот совет со квалификувано мнозинство.
Во рамките на новата Комисија, функцијата комесар за проширување ќе ја врши Марта Кос од Словенија, додека висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност ќе биде Каја Калас од Естонија.
Калас исто така ќе биде еден од шесте извршни потпретседатели на Комисијата, заедно со Тереза Рибера од Шпанија, која ќе биде одговорна за чиста, фер и конкурентна транзиција, Роксане Минзату од Романија, која ќе биде извршен потпретседател за луѓе, вештини и подготвеност, и Хене Виркунен од Финска, кој ќе биде извршен потпретседател за технолошки суверенитет, безбедност и демократија.
Функциите на извршни потпретседатели ќе ги извршуваат и Стефан Сежурне од Франција, кој ќе биде задолжен за просперитет и индустриска стратегија и Рафаеле Фито од Италија, кој ќе биде извршен потпретседател за кохезија и реформи.
Меѓу останатите 20 членови на новата Комисија е и Марта Кос од Словенија, која ќе биде новиот комесар за проширување, додека актуелниот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји од Унгарија ќе биде комесар за здравје и благосостојба на животните.
Марош Шевчовиќ од Словачка ќе биде комесар за трговска и економска безбедност, како и комесар за меѓуинституционални односи и транспарентност, Глен Микалеф од Малта ќе биде комесар за меѓугенерациска правда, култура, млади и спорт, Кристоф Хенсен од Луксембург комесар за земјоделство и храна, а Апостолос Цицикоскостас од Грција, комесар за одржлив транспорт и туризам.
Мајкл Мекграт од Ирска ќе ја преземе функцијата комесар за демократија, правда и владеење на правото, Дан Јергенсон од Данска како комесар за енергија и домување, Џесика Росвал од Шведска како комесар за животна средина, отпорност на вода и конкурентна кружна економија и Екатерина Захариева од Бугарија како комесар за стартапи, истражување и иновации.
Комесар за Медитеранот ќе биде Дубравка Шуица од Хрватска, а за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер од Австрија.
Белгијката Аѓа Лабиб ќе биде комесар за подготвеност, управување со кризи и еднаквост, Кипарецот Костас Кадис комесар за рибарство и океани, Португалецот Марија Луис Албугерке комесар за финансиски услуги и унија за штедење и инвестиции, Чехот Јозеф Сикела ќе биде комесар за меѓународни партнерства и Литванецот Андријус Кубилијус комесар за одбрана и космос.
Комесар за клима и чист раст ќе биде Вопке Хоекстра од Холандија, додека комесар за буџет, борба против измами и јавна администрација ќе биде Пјотр Серафин од Полска, а Летонецот Валдис Домбровскис ќе биде комесар за економија и продуктивност, како и комесар за имплементација и поедноставувања.