Водостојот на четирите големи природни езера на Швајцарија никогаш не бил толку низок во месец август како година, оценуваат научниците по последните мерења, покажувајќи загрижувачка состојба по долготрајните суши кои ја погодија Европа и екстремно високите температури.
Станува збор за езерата Констанца, Луцерн, Лугано и Вален. Количината на вода што се влева во Рајна, со извор од швајцарските Алпи, никогаш не била толку ниска.
„Во Швајцарија е забележан многу низок водостој, особено во централниот дел на земјата и на југот во областа Тичино“, изјави Мишел Оберхансли, шеф на службата за статистика на Одделот за хидролошки информации на Федералната канцеларија за животна средина.
„Причината? Ретките врнежи во 2022 година“, изјави таа.
Но, нискиот водостој не е карактеристичен само за споменатите четири езера.
Вредности значително под просекот за овој период од годината покажуваат и мерењата во езерото Маџоре на границата меѓу Швајцарија и Италија, што е најниската точка во Швајцарија со 193 метри, како и во Цуг, открива Оберхансли.
Со исклучок на езерата во планинските венци Јура и Тун, нивоата на сите други големи швајцарски езера исто така се под долгорочниот просек.
Во исто време, бројни швајцарски реки, исто така, имаат многу ниско ниво на вода. Статистички, такво нешто се случува на секои дваесет години, а поретко на две години.
„Можеме да кажеме дека од почетокот на мерењето на нивото на водата, тековите на Рајна и Ројс никогаш не биле толку ниски во месец август“, рече Оберхансли.
Таа додаде дека прогнозата за дожд на метеоролозите за наредните денови може „малку да ја олесни“ проблематичната ситуација во Швајцарија, но во секој случај „нема да биде доволен“.