Премиерот Фицо беше нападнат во средата кога сакаше да ги поздрави насобраните граѓани по владината седница во градот Хандлови

На словачкиот премиер Роберт Фицо му беше извршена уште една операција во петокот, известија неговиот заменик Роберт Калинак и директорката на болницата во Банска Бистрица, Миријам Лапуникова, додавајќи дека неговата состојба е стабилна, но сепак сериозна.

„Отстрането е некротичното ткиво што остана од прострелната рана. Пациентот сега е свесен, стабилизиран, но се уште се лекува на Одделот за интензивна нега. Неговата состојба е навистина сериозна“, изјави директорот на болницата.

Лапуникова рече дека лекарите одлучиле премиерот да оди на уште една операција по томографијата, што е стандардна процедура.

Операцијата траела два часа.

Вицепремиерот Калинак по посетата на премиерот во болница изјави дека ќе бидат потребни неколку дена за лекарите да бидат сигурни дека тој ќе закрепне.

„Мислам дека денешната операција... ќе ни овозможи да се доближиме до позитивна прогноза. Порасположен сум бидејќи гледам дека има напредок. Сè уште е многу сериозно, но има многу надеж“, рече тој.

Тој додаде дека состојбата во земјата е редовна и оти сѐ се одвива без проблеми.

Според снимките на ТВ каналот Маркиз, истражителите го однеле осомничениот напаѓач, 71-годишниот писател Јурај Цинтула, облечен во панцир и шлем, во станот што го дели со сопругата во градот Левице.

„Полицијата помина неколку часа во станот, оттаму го одзеде компјутерот и документите“, објави приватен ТВ канал.

Полицијата официјално не сака да го открие името на осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот пензионер Јурај Цинтулу.

Во четвртокот тој беше обвинет за обид за убиство и напад кој полицијата го смета за „политички мотивиран“.

Премиерот Фицо беше нападнат во средата кога сакаше да ги поздрави насобраните граѓани по владината седница во градот Хандлови. Фицо веднаш бил пренесен во болницата во Банска Бистрица, каде му била извршена петчасовна операција.

TRT Balkan / агенции
Популарни