Односите меѓу Туркије и Европската Унија не треба да бидат заложници на интересите на одредени земји, изјави денес турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
„ЕУ не може да биде глобален актер без Туркије“, истакна Фидан на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји во турскиот главен град Анкара.
Туркије очекува ЕУ да ја покаже потребната волја и да дејствува похрабро за унапредување на меѓусебните односи, порача Фидан.
„Нема промена во перспективата за членство на Туркије во ЕУ. Тоа е многу силна политичка волја“, додаде тој.
Одговарајќи на прашањето за неодамнешните судири меѓу арапските племиња и терористичката организација ПКК/ЈПГ во Источна Сирија, министерот Фидан ги повика Соединетите Американски Држави „да престанат да ги подложуваат арапските заедници во Сирија на притисок преку терористичката организација ПКК/ЈПГ.
„Прикажувањето на терористичката организација ЈПГ како легитимна мора да заврши или конфликтите што ги гледаме во Деир Езор се само почеток“, додаде турскиот министер.
Операциите што ги започнаа арапските племиња против терористичката организација во источната сириска покраина Деир Езор минатата недела, се проширија со приклучување на други племиња.
Од 27 август вкупно 33 села се ослободени од окупацијата на ЈПГ/ПКК во руралните подрачја на сириските покраини Деир Езор, Рака и Хасека, како и во подрачјето на Мунбич во Алепо.
Вархеји претстојува во дводневна посета на Анкара на разговори за билатералните односи и соработката.