Европската Унија привлече инвестиции во вредност од над 90 милијарди евра во индустријата за полуспроводници откако беше објавен нејзината историска легислатива, изјави денес шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен го изјави ова на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Александар Де Кро за време на нивната посета на седиштето на Интеруниверзитетскиот микроелектронски центар, непрофитна организација за истражување и развој специјализирана за нанотехнологија, во Лувен, Белгија.
„Најавени се повеќе од 90 милијарди евра индустриски инвестиции во Европа откако извршното тело на ЕУ предложи Акт за европски чипови во февруари 2022 година“, истакна Фон дер Лајен.
Таа изјави дека иако законот ќе стапи на сила до есен, тој праќа многу моќна порака и дава конкретни можности бидејќи компаниите најавиле различни нови потфати низ ЕУ, вклучително Италија, Ирска и Франција.
Исто така, таа наведе примери за инвестиција од 12 милијарди евра во постројка за пакување и тестирање на полуспроводници во Полска и уште 30 милијарди евра за две први фабрики од таков вид во Магдебург, Германија.
Фон дер Лајен истакна дека полуспроводниците се од суштинско значење за нивната зелена и дигитална транзиција и дека нивната економија не би функционирала без чипови.
Таа, исто така, нагласи дека блокот мора да ја намали својата зависност од неколкуте набавувачи од Источна Азија како дел од својата стратегија за отфрлање на ризикот од синџирите на снабдување преку промовирање дизајн, тестирање и производство во Европа.
Со канализирање на јавни и приватни средства во индустријата, ЕУ има цел да го зголеми својот глобален пазарен удел на полуспроводници од 10 на 20 отсто до 2030 година преку европскиот закон за чипови.