На платформата Х се огласи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека нападот е „шок за сите нас“

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен денеска соопшти дека е започната голема потрага по непознати напаѓачи, кои утринава убиле најмалку двајца затворски чувари и раниле уште тројца додека превезувале затвореник меѓу Руан и Евр.

„Се користат сите средства за да се пронајдат овие криминалци. Неколку стотици полицајци и жандарми се мобилизирани по мои инструкции“, напиша Дарманен на платформата Х.

Министерот за правда Ерик Дипон-Морети изјави дека двајцата повредени полицајци се во критична состојба.

„Апсолутно ќе се направи се за да се откријат сторителите на ова грозоморно злосторство“, изјави тој за телевизијата БФМ.

Чуварите утрово биле нападнати на автопат на наплатна рампа додека превезувале затвореник со комбе меѓу Руан и Евр.

Затвореникот Мохамед Амра, познат под прекарот Мува, побегнал со напаѓачите, а по нив е започната потрага, вклучително и хеликоптери.

Амра се враќал од судот во Руан, каде што бил сослушан од истражниот судија, во случајот за обид за убиство за кој е обвинет, дознава француската телевизија од сигурни извори.

На платформата Х се огласи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека нападот е „шок за сите нас“.

„Нацијата стои со семејствата, повредените и нивните колеги. Се прави се за да се пронајдат сторителите на ова злосторство за да може правдата да биде задоволена во име на францускиот народ“, рече Макрон.

TRT Balkan / агенции
Популарни