Француските фармери одржаа протести низ целата земја во понеделникот, изразувајќи гнев поради трговскиот договор на ЕУ со јужноамериканскиот блок Меркосур, за кој стравуваат дека ќе му наштети на локалното земјоделство со воведување нелојална конкуренција, јавуваат локалните медиуми.
Демонстрациите, предводени од агроиндустријата и синдикатите на земјоделците- главниот синдикат на земјоделците - ФНСЕА и Млади земјоделци (Jeunes Agriculteurs) вклучија симболични акции како што се блокади на патишта и палење пожари наречени „пламенот на гневот“.
Во регионот Ил де Франс демонстрантите блокираа делови од автопатот Н118 кај Велизи, што предизвика значителен сообраќаен метеж, објави „Ле Паризиен“.
Во градот Ивелин на возачите им беше препорачано да ја избегнуваат областа поради „многу густ“ сообраќај.
Трактори и други возила беа стационирани во близина на излезот Петит Кламарт, што дополнително го зголеми прекинот.
Во меѓувреме, во градот Авињон, околу 30 трактори и повеќе од 100 земјоделци се собраа на мостот Pont de l'Europe.
Јордан Шарансол, водач на Младите земјоделци во регионот Воклуз, го опиша договорот меѓу ЕУ и Меркосур како „катастрофа за француското земјоделство“.
Протестите предизвикаа и политички реакции, а потпретседателот на партијата Национален собир, Себастиен Чену, го обвини францускиот претседател Емануел Макрон дека ги предал земјоделците.
„Макрон никогаш не бил непријателски настроен кон Меркосур, ова е во согласност со неговата ултра-либерална агенда“, тврди Чену.
Тој предупреди дека договорот ќе доведе до зголемен увоз на јужноамерикански земјоделски производи, што ќе ги поткопа француските земјоделци кои се придржуваат до построги стандарди.
Демонстрантите и нивните поддржувачи тврдат дека договорот ЕУ-Меркосур е дел од поширокиот тренд што го загрозува руралниот живот во Франција.
Синдикатите ветија дека ќе го продолжат притисокот врз владата да одговори на нивните грижи и да го разгледа трговскиот договор.