Генерално собрание на ОН:Украина бара светот да ја осуди руската анексија     Фото: АА

На почетокот на итната седница на Генералното собрание на ОН, Украина ја повика светската заедница да ја осуди руската анексија на делови од нејзината територија, со што се крши меѓународното право.

„Таканаречените референдуми немаа никаква врска со она што ние го нарекуваме изразување на волјата на народот – ниту од правен, ниту од технички аспект, изјави во Њујорк украинскиот амбасадор во ОН Сергиј Кишличја. Тој ги повика земјите да ги бранат принципите на Повелбата на ОН.

„Зад руската делегација, кога ќе влезе во Генералното собрание, останува трага од крв, а салата е исполнета со мирис на човечко месо што тлее. Тоа е она што го толериравме во Сирија. Ова е она што се случува во Украина денес, рече тој.

Тој го повика највисокото тело на ОН да ја прифати резолуцијата со која се бара Русија да ја отповика одлуката за анексија на четири делумно окупирани украински региони.

Според Кишличја, ракетните напади на Москва врз Украина во понеделникот уште еднаш покажаа дека Русија е терористичка држава.

Русија не успеа, на почетокот на сесијата на Генералното собрание на ОН, во обидот да изнуди тајно гласање за илегалната анексија на делови од Украина. Огромното мнозинство од 193-те членки на ОН, 107 од нив, гласаа за јавна расправа за нацрт-резолуцијата на почетокот на вонредната седница за ова прашање пред највисокото тело на ОН.

Во понеделникот, Генералното собрание на ОН започна дебата за неодамнешната анексија на делови од Украина од страна на Русија.

На крајот на седницата, која поради големиот број говорници би можела да биде продолжена до среда или четврток, се очекува земјите-членки да гласаат за резолуцијата со која се осудува Москва.

За разлика од Советот за безбедност, резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки според меѓународното право.

Претстојното гласање во Њујорк се смета за глобален тест на чувствата во врска со војната во Украина.

Западните дипломати нагласија дека секоја земја-членка на ОН мора да има свој интерес за да ја осуди Русија за да не стане жртва на нелегална анексија од една од нејзините соседни држави.

Набљудувачите веќе некое време забележуваат замор од војната меѓу голем број земји, особено во Африка и Латинска Америка. Некои од нив веруваат дека војната во Украина го одвлекува вниманието од другите регионални конфликти и глобални кризи и го блокира напредокот.

Резолуцијата ги осудува руските „таканаречени референдуми“ и „обидот за нелегална анексија“ и ги повикува земјите да не го признаат овој руски чин и го потврдуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Во понеделникот само 13 земји се спротивставија на јавното гласање, 39 беа воздржани, а земјите како Русија и Кина воопшто не гласаа.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, на Генералното собрание на ОН ги доведе во прашање напорите да се осуди Русија.

„Каква врска има ова со мирот и безбедноста или обидот за решавање на конфликтот?, праша Небензја, опишувајќи го како „уште еден чекор кон поделба и ескалација, што сигурен сум дека не е нешто за што апсолутното мнозинство земји во оваа просторија има потреба“.

Потезите во Обединетите нации се огледало на она што се случи во 2014 година откако Русија го анектираше Крим.

Тогаш Генералното собрание на ОН ја прифати резолуцијата за прогласување на референдумот за неважечки со 100 гласа за, 11 против и 58 воздржани, додека дваесет земји не гласаа.

TRT Balkan / агенции
Популарни