Германија ќе и испрати на Украина дополнителни 400 милиони евра вредна воена опрема за зајакнување на армиските капацитети, соопшти владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
„Ова ќе овозможи купување на дополнителни капацитети за противвоздушна одбрана, тенкови, беспилотни летала, муниција и резервни делови, кои ефикасно ќе ги зајакнат украинските вооружени сили во одбраната на нивната земја“, додаде Хебестрајт.
Буџетската комисија на германскиот парламент го одобри финансирањето откако украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика западните сојузници да ја засилат својата воена поддршка поради зголемените руски напади насочени кон критичната инфраструктура на земјата.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Германија испорача или одвоила оружје во вредност од 28 милијарди евра на Украина, според официјалните податоци.
Воената помош вклучуваше напредно оружје и опрема како борбени тенкови Леопард 2, противвоздушни тенкови Гепард, борбени возила Мардер, системи за воздушна одбрана Патриот и ИРИС-Т.