Дел од преживеаните од земјотресот си го ризикуваат животот влегувајќи во нивните оштетени или урнати домови да спасат што можат од покуќнината. Дел од преживеаните во Хатај се решија на ваков чекор иако беа предупредени од властите за можните опасности и тоа неколку часа пред уште еден смртоносен земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала да го погоди регионот.
Според медиумските извештаи, десетици луѓе се искачуваа по насипите од урнатини, лазеа низ испуканите ѕидови и газеа по скршени скали за да извадат документи, мебел и електрични апарати - сè што може да им помогне да започнат нов живот, од почеток.
Владините претставници, вклучително и агенцијата за управување со катастрофи АФАД, постојано ги предупредуваа жителите да не се враќаат во нивните оштетени домови, велејќи дека урнатините претставуваат опасност за безбедноста на луѓето.
Две недели по првичниот силен земјотрес што ги погоди Туркије и Сирија, повеќето жители на Антакија - област во провинцијата Хатај - заминаа или беа засолнети во кампови. Кога новиот земјотрес повторно го потресе јужниот град во понеделникот, турските медиуми објавија дека најмалку три лица загинале додека се обидувале да го земат она што им останало во разрушените домови.
„Се обидуваме да заштедиме со тоа што го имаме бидејќи штетите се огромни“, рече Јасир Бајракчи, додавајќи дека немаат доволно ресурси да купат нова покуќнина.
Неговото семејство загуби сестра, една од 15-те браќа и сестри, во земјотресот на 6 февруари.
„Не можеме да ги вратиме мртвите. Но, бидејќи преживеавме, се обидуваме да го извадиме што остана“, вели 28-годишниот заварувач.
Бајракчи и шестмина роднини се вратиле за да му помогнат на својот брат да ги извади работите од неговиот стан. Тие пакуваа помали предмети во вреќи за отпадоци. Внатре, вратите од кујнските елементи беа отворени, a ѕидовите и фасадата беа оштетени.
Преку отворениот прозорец на станот на вториот кат, до кој сега може да се стигне преку куп урнатини од соседната зграда, тие облечени во сандали носеа душек, каучи и машина за перење на грбот.
Предметите ќе се чуваат во семејната куќа во блиското село за кое Бајракчи вели дека е безбедна.
“Ја изградивме со наши раце, па веруваме дека е безбедна од тој аспект”, изјави Бајракчи.
Преголем ризик
Во друга населба во Антакија, Кинан ал Масри се надеваше дека ќе извади дел од заштедата, пасоши и изводи од својот стан. Тој се враќал на својата улица на секои два дена од првиот земјотрес, но властите му рекле дека е премногу опасно да влезе внатре.
Комплексот кој Масри го изгради со роднините за да се сместат седум семејства, беше оштетен, но не беше урнат.
„Инвестиравме се што имавме во оваа зграда. Сега, таа е преф рушење“, рече Масри.
Иако сите негови роднини се безбедни, тој рече дека му недостасува соседството, каде што повеќето објекти долж неговата улица сега се претворени во урнатини.
Некои луѓе останаа со празни раце
Билал Ибрахим го преживеа првиот земјотрес со сопругата и децата, но неговиот брат загина. Неговиот внук, кој итно беше пренесен во брза помош откако беше извлечен од урнатините, исчезна, а Ибрахим патуваше од една во друга болница за да го најде.
Во понеделникот, 34-годишниот механичар го поврзуваше своето скршено црвено Сузуки Марути со автомобилот на својот мртов брат со метална жица што ја нашол во остатоците.
Станот во кој тој и неговото семејство живееле седум години бил планиран за уривање, вели тој, и не можел да влезе за да земе ништо.
„Најважно е моето семејство да е безбедно. Кога го изгубив брат ми, како да го изгубив целиот свет”, рече тој.
Арсин се симнува од урнатините со татко му носејќи имот завиткан во седум чаршафи. Најмалку една импровизирана вреќа беше спакувана со документи што му беа потребни за неговиот сметководствен бизнис.
Тие го напуштаа својот стан за да останат во студентските домови во Мерсин.
Гочан Карадениз гледа во својот стан на приземјето во Антакија за првпат по почетниот земјотрес. Ѕидовите се речиси целосно оштетени. Тој се надева дека ќе добие некои работи пред властите да ја урнат зградата.