Поројни дождови се очекуваат и во наредните денови предизвикани од бурата „Борис“ / Фото: AA

Во големите поплави што ја погодија Централна и Источна Европа, има сѐ повеќе човечки жртви, известува Анадолу.

Вчера неколку реки во Централна Европа се излеаја од коритата предизвикувајќи масовни поплави, во кои животот го загубија околу 20 луѓе од Полска и Чешка до Австрија и Романија.

- Чешка

Шефот на чешката полиција Мартин Вондрашек за локалното радио изјави дека жена се удавила во близина на Брунтал, град со околу 15.000 жители на североистокот од земјата, а седум лица се водат за исчезнати.

Во североисточниот чешки град Острава, пукната брана на реката Одра на нејзиниот влив во реката Опава предизвика поплави во индустриската област на градот, вклучително и во фабриката БоршодХем и коксарницата ОКК Коксовни. Стотици луѓе се евакуирани од повеќе населени места.

- Австрија

Во Австрија, локалните медиуми објавија дека е забележан четврти смртен случај во поплавите што ја зафатија сојузната покраина Долна Австрија, додавајќи дека еден човек загинал во Клостернејбург-Крицендорф.

Австриската Влада ги прогласи за зона на катастрофа погодена од поплавите покраината Долна Австрија, подрачјето околу главниот град Виена и регионот на границата со Чешка.

- Полска и Романија

Бројот на жртвите во Полска се зголеми на шест, а исто толку загинаа и во Романија за време на викендот.

Пограничните области меѓу Чешка и Полска беа тешко погодени од поплавите во текот на викендот. Урнати се некои мостови, уништени се куќи, а голем број села и градови во источна Романија се потопени.

Градоначалникот на Ниса, град со повеќе од 40.000 жители во јужна Полска, ги повика граѓаните веднаш да се евакуираат по оштетувањето на насипот што се наоѓа во близина.

- Врнежи од дожд во Европа и во наредните денови

Поројни врнежи од дожд наредните денови се очекуваат во Австрија, Чешка и југоисточна Германија, а бурата „Борис“ кон средината на неделата ќе ја зафати Италија.

Властите во Будимпешта ги зголемија прогнозите за нивото на водата и предвидуваат дека Дунав ќе се издигне над 850 сантиметри во втората половина на оваа недела, приближувајќи се до рекордот од 2013 година од 891 сантиметар.

AA
Популарни