Шпанската Влада денеска одобри опсежна реформа на законите за имиграција за да им олесни на странците да работат во Шпанија.
Иако Шпанија има една од највисоките стапки на невработеност во Европската Унија, околу 13 отсто, земјата има за цел да ги покрие празните работни места и да ја регулира работната состојба на мигрантите кои веќе живеат таму.
Во рамките на реформата, Шпанија на странците кои во земјата живеат повеќе од две години ќе им дозволи да пристапат до обука поврзана со професии кои се бараат, што ќе дејствува како „мост“ до легалниот пазар на труд во Шпанија, според министерот за миграција, Хозе Луис Ескрива.
Во Шпанија, најголемиот дел од непополнетите позиции се во земјоделскиот и услужниот сектор.
Реформата, исто така, на околу 50.000 странски студенти кои студираат во Шпанија ќе им овозможи да работат и ќе им го олесни пристапот до пазарот на труд откако ќе ги завршат студиите.
Реформи ќе се однесуваат и на сезонските печалбари, и на странците ќе им олеснат да се регистрираат како самовработени работници.
Во меѓувреме, реформата на работодавците ќе им олесни да вработуваат работници во странство за високобарани позиции и има намера да ги забрза и поедностави сите имиграциски процеси.
Генерално, целта на Шпанија со реформата е „да промовира легална, безбедна и организирана миграција“, според Ескрива.
Во 2022 година, повеќе од 15.000 мигранти стигнале до Шпанија преку илегален миграциски пат по копно или море. Повеќе од 9.300 од нив пристигнале преку опасната рута на Канарските Острови, која оваа година досега ги однесе животите на стотици луѓе.
Реформата за миграција беше усвоена, и покрај приговорите на шпанското Министерство за внатрешни работи, кое тврди дека промените само ќе ја промовираат илегалната имиграција, јави шпанскиот дневен весник „Ел паис“.
Реформата, со дополнителни детали, треба да биде објавена во официјалниот весник на Шпанија денеска и да стапи на сила 20 дена по објавувањето.