Службата за државна безбедност на Грузија соопшти дека тројца државјани на Србија ја посетиле Грузија и одржале предавање за „државен удар“ во рамките на проект поддржан од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
„Српските државјани Синиша Шикман, Јелена Стоишиќ и Слободан Јиновиќ дошле во Грузија на 25 септември како гости на програмата на УСАИД „Институт за менаџмент Исток-Запад“, изјави претставникот на службата, Бача Мгеладзе.
Според него, официјално наведената причина за пристигнувањето на граѓаните на Србија во Грузија е обука на тема „Ненасилна стратешка борба“ за групи кои работат во областа на културата.
„Сепак, истрагата покажа дека тоа не била целта на доаѓањето на овие луѓе во Грузија“, изјави Мгеладзе.
Тој додаде дека од 26 до 29 септември во хотел во главниот град Тбилиси оваа група одржала предавања за „подготовка и спроведување на процесот за рушење на власта преку насилство“ пред претставници на некои невладини организации и граѓански активисти.
Учесниците на предавањето беа информирани за „преземање чекори против Владата, државните институции и Грузиската православна црква, затворање на патишта за сообраќај, поставување шатори пред административни згради итн.“
„Исто така, имаше лекции за теми како што се отпор при апсење од страна на полицијата, упад во зградата на парламентот и затворање на радиодифузерот“, рече Мгеладзе.
Тој истакна дека Шикман, Стоишиќ и Јиновиќ дале изјави пред службениците на Службата за државна безбедност како дел од истрагата и дека се обиделе да ја сокријат вистинската причина за нивниот престој во Грузија.
Нагласувајќи дека истрагата за наводната подготовка на план за државен удар против Владата на Грузија меѓу октомври и декември е во тек, Мгеладзе рече дека овие луѓе имале врски со револуцијата (Револуција на розите) што се случи во Грузија во 2003 година, како и во слични процеси во Србија, Украина и други земји.
Според него, Србите ја напуштиле Грузија на 30 септември, но дека истрагата продолжува.
Се очекува соопштение на УСАИД
Коментирајќи го соопштението на Службата за државна безбедност, грузискиот премиер Иракли Гарибашвили изјави дека во неговата земја се подготвува план за државен удар од некои радикални групи.
Тој изјави дека овие групи добиваат поддршка во и надвор од Грузија.
„Видовме активно учество на странски земји. Загрижувачка е ситуацијата што државјани на странска земја доаѓаат во земјата и обезбедуваат обука маскирани како обучуваат претставници на културно-уметничкото милје овде“, рече Гарибашвили.
Тој истакна дека лицата осомничени дека одржуваат „лекции за државен удар“ биле донесени во Тбилиси од УСАИД.
„Ова е секако тажен факт, но ќе ја чекаме нивната официјална изјава. Со УСАИД соработуваме долги години. Затоа, жално е што се случуваат такви работи“, подвлече грузискиот премиер.
Темен ден во историјата на американската помош за Грузија
Случајот го коментираше и претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили кој рече дека има прашалници околу УСАИД.
„Ова е црн ден во историјата на американската помош за Грузија, каде што гледаме дека парите на американскиот народ се користат за планирање на револуционерни процеси овде“, рече Папуашвили.
Службата за државна безбедност на Грузија објави и снимка поврзана со предавањата што ги одржале тројца српски државјани во Тбилиси.