Османи се сретна со грузискиот премиер Гарибашвили             Фото: АА

Претседателството со ОБСЕ континуирано и активно се ангажира со раселените, жените и младите погодени од конфликтите, како и со лицата кои живеат во изолираните и загрозените области, и нивните размислувања и грижи се многу важни, рече претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, Османи го истакнал ова на денешната средба со премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили.

„Во тој контекст е и пораката на нашето претседателство, „За луѓето се работи“. Го охрабрувам активното учество на Тбилиси и постојаниот прагматизам со цел да се унапредат клучните прашања и да се искористат сите можности за дијалог со крајна цел подобрување на состојбата на сите луѓе погодени од конфликти“, рече Османи на средбата со Гарибашвили.

Пред премиерот, Османи повторно ја истакна својата поддршка за решавање на овие прашања преку клучните дипломатски канали за дијалог, осврнувајќи се на меѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти.

„Покрај тоа, ОБСЕ активно е вклучена и во претставување на нови мерки за градење доверба и иницијативи за дијалог, особено поврзани со младите и воспоставување на блиски односи со сите засегнати страни“, рече Османи.

„Сакам да ја истакнам соработката и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Теа Ахвледиани, со која остварив средба на која исто така разговаравме за унапредување на процесите за мирно и одржливо решавање на конфликтите. Мора да продолжиме по патот кој води до мир“, нагласи тој.

Покрај со премиерот и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Османи се сретна и со претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, со кого разговараа за важноста од постоење на политички плурализам за решавање на горливите прашања.

Со ова, претседавачот со ОБСЕ ја заврши агендата во Грузија од каде посетата на Јужен Кавказ ќе ја продолжи во Баку, Азербејџан, каде што исто така ќе оствари средби со државниот врв.

AA
Популарни