Столтенберг: БиХ, Грузија и Молдавија се соочени со руски притисок / Photo: AA

Партнерите на Северноатлантскиот договор (НАТО) Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија се соочуваат со руски притисок, а сојузниците на НАТО се посветени на зголемување на поддршката за нив, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

На почетокот на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО со колегите од Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, Столтенберг рече дека денешната средба покажува силна и растечка соработка меѓу Северноатлантската алијанса и трите земји во ова предизвикувачко време.

„НАТО и неговите сојузници обезбедуваат поддршка на партнерите (БиХ, Грузија и Молдавија, оп.а.) многу години, вклучително и градење капацитети, реформи и обука за зајакнување на нивните одбранбени и безбедносни институции. Денеска овие партнери се соочуваат со руски притисок, а сојузниците од НАТО се посветени на зголемување на нивната поддршка“, рече Столтенберг во воведниот дел од состанокот, кој потоа продолжи без присуство на новинари.

Тој посочи дека средбата во Букурешт е можност да се разговара за некои од заедничките безбедносни грижи, особено во стратешки важниот регион на Црното Море и Западен Балкан.

Министрите за надворешни работи на членките на НАТО денеска ја продолжуваат седницата во Букурешт, а по тој повод се сретнаа и со шефовите на дипломатиите на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, со кои разговараа за начините на кои најголемата светска безбедносна организација би можела да помогне, бидејќи војната во Украина ја изложува на политичка, енергетска и територијална неизвесност.

Претходно, министрите за надворешни работи на НАТО се останаа со шефовите на дипломатијата на Финска и Шведска.

TRT Balkan / агенции
Популарни