Хаг: Хашим Тачи се изјасни дека е невин по обвинението за воено злосторство / Photo: AA Archive

На почетокот на судењето за предметот „Тачи и останатите “ во Специјализираните совети на Косово во Хаг, поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои беа обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, повторно се изјаснија како невини по сите точки од обвинението.

Одговарајќи на прашањето на судијата дали го разбира обвинението, кое беше делумно изменето од неговото прво произнесување за случајот, поранешниот политички лидер на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, одговори: „Разбирам. Не сум воопшто виновен.“

Исто така, Тачи ја потврди првата изјава пред судот дека не е виновен по сите точки од обвинението што му се ставаат на товар.

И другите обвинети во предметот „Тачи и останатите“, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, повторно се изјаснија за невини според обвинението. По изјаснувањата на обвинетите, Специјализираното обвинителство го започна воведното излагање, за што му беа одобрени најмногу пет часа.

Потоа воведниот говор ќе го прочита претставникот на жртвите, кој има на располагање 45 минути. Понатаму секој од четирите тима од одбраната ќе добие шанса да даде воведна изјава. Нивната презентација е закажана за 4 април.

Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети по десет точки, од кои шест точки ги товарат за злосторства против човештвото, додека во четири точки се обвинети за воени злосторства. Секој од обвинетите се товари врз основа на индивидуална кривична одговорност во шест точки за злосторства против човештвото: прогон, затвор, други нехумани постапки, мачење, убиства и присилно исчезнување на лица.

Покрај тоа, секој од обвинетите се товари за четири точки од обвинението за воени злосторства незаконско и самоволно приведување и лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства.

По приведувањето од специјализираниот обвинител, Тачи, Весели, Селими и Красниќи беа донесени во притворот на Специјализираните совети на Косово во Хаг на 4 и 5 ноември 2020 година. Тачи, кој тогаш беше претседател на Косово, веднаш поднесе оставка од таа функција.

TRT Balkan / агенции
Популарни