Илјадници луѓе протестираа во Аргентина против сеопфатниот „пакет економски реформи“ што сака да го воведе владата на Хавиер Милеи.
Илјадници граѓани собрани пред зградата на Конгресот во главниот град Буенос Аирес остро реагираа на владиниот пакет економски реформи и се судрија со полицијата.
Безбедносните сили одговорија со солзавец и водени топови против демонстрантите, кои ги нападнаа со молотови коктели и камења.
Во инцидентите се повредени 40 лица, а 30 се приведени.
Меѓу повредените протестанти се и петмина пратеници од опозицијата, кои настрадале кога полицијата фрлила солзавец, по шпто се хоспитализирани.
Протестот беше поддржан од различни организации, леви партии, пензионери, просветни работници и разни синдикати.
Пратеникот од опозицијата Маријано Рекалде изјави дека работниците ќе бидат сериозно оштетени од овој пакет реформи.
„Правата на вработените ќе се вратат еден век наназад“, рече Рекалде.
Бартоломе Абдала, пратеник од владејачката партија, ја истакна важноста на законот и рече дека пакетот реформи треба да се прифати за доброто на Аргентинците.
Говорејќи на финансиската седница одржана во Буенос Аирес, претседателот Милеи рече: „Овие закони се дискутираат шест месеци. Ако тие беа брзо усвоени, процесот на прилагодување би бил помалку болен, но политиката не се грижи за тоа“.
Министерот за финансии Луис Капуто рече дека економските услови во земјата ќе се подобрат побрзо доколку реформскиот пакет биде одобрен од Сенатот.
Пакетот економски реформи, познат и како „Закон за основните принципи и појдовни точки“, се смета за радикална промена во Аргентина.
Пакетот реформи, предложен од десничарскиот претседател Хавиер Милеи за заживување на болната економија во земјата, вклучува прогласување на вонредна економска состојба, намалување на пензиите и намалување на работничките права.
Владата, која сака да ги зголеми инвестициите во приватниот сектор, сака да спроведе и приватизација.
Реформскиот пакет, кој се сметаше за едно од најголемите изборни ветувања на претседателот Милеи, беше прифатен со мнозинство гласови во Претставничкиот дом во април