Либанците, кои беа принудно раселени поради израелските напади, почнаа да се враќаат дома откако утрово стапи на сила прекинот на огнот / Photo: AA

Претставникот на Хезболах во либанскиот парламент, Хасан Фадлалах денеска изјави дека групата го задржува правото да се брани доколку Израел изврши напад, и покрај 60-дневниот договор за прекин на огнот постигнат меѓу Израел и Хезболах утринава.

Тој го изјави ова како одговор на претходната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во вторникот рече дека Израел ќе го задржи правото на воена акција и ќе го нападне Хезболах во случај на прекршување на примирјето.

60-дневниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, постигнат со посредство на САД и Франција, стапи на сила утрово во 4 часот по локално време и очигледно засега се почитува.

Израелската армија повтори дека е подготвена да дејствува внатре во Либан, ако смета дека е потребно, и дека израелската авијација ќе нападне секој што ќе се обиде да го прекрши договорот за прекин на огнот, како и дека нема да дозволи безбедноста на израелските жители да бидат загрозени.

Претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, објави дека војната со Израел во изминатите неколку недели е „најопасната фаза“ во историјата на Либан и го повика населението да се врати во својата земја.

Либанците, кои беа принудно раселени поради израелските напади, почнаа да се враќаат дома откако утрово стапи на сила прекинот на огнот.

На патиштата кои водат кон југот од земјава забележан е голем метеж.

Веднаш по стапувањето на сила на прекинот на огнот, некои од оние кои се вратија во своите домови во јужен Либан славеа со огномет.

Во градовите и селата долж границата владее неизвесност. Луѓето кои живеат во многу села и градови долж граничната линија што Израел ја окупираше со копнен напад сè уште не можат да се вратат во своите домови.

TRT Balkan / агенции
Популарни