Пораст на цените во Хрватска / Photo: AA

Стапката на инфлација на годишно ниво во Хрватска, мерена преку индексот на потрошувачките цени, во јануари изнесувал четири отсто, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Тоа претставува општи пораст на цените на годишно ниво веќе четврти месец по ред, додека според усогласениот индекс на потрошувачки цени, инфлацијата во јануари изнесува пет отсто, што е највисока во еврозоната.

Во октомври минатата година беше прекинат повеќемесечниот тренд на забавување на растот на цените на годишно ниво, кога инфлацијата порасна за 2,2 отсто, забрзаниот тренд продолжи и во ноември со раст од 2,8 отсто, во декември за 3,4 отсто, а сега и во јануари оваа година.

Според главните компоненти на индексот, проценетата годишна стапка на инфлација кај услугите изнесува 6,3 отсто, за храната е 4,7 отсто енергетиката 4,5 отсто, а индустриските непрехранбени производи без енергија 0,5 отсто.

На месечно ниво во однос на декември лани, цените се зголемени за 2,2 отсто, услугите за 1,4 отсто, а храната за 1 отсто, а цените на индустриските непрехранбени производи без енергија се намалени за 3,4 отсто.

Според првата проценка објавена денеска на Евростат, годишната стапка на инфлација во декември мерена со усогласениот индекс на потрошувачките цени во Хрватска изнесува пет проценти, што е највисока од сите земји-членки на еврозоната.

Во целата еврозона просечната годишна стапка на инфлација во јануари изнесуваше 2,5 отсто. По Хрватска, најголема инфлација бележат Белгија, 4,4 отсто, Словачка 4,1 отсто, Австрија 3,5 отсто, Литванија 3,4 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни