И жителите на земјите од Европската Унија се потешко врзуваат крај со крај и добар дел од населението едвај го преживува месецот, покажуваат најновите статистички податоци на Евростат во чие истражување биле вклучени 11 европски држави. Најтешко се погодени жителите на Бугарија, Словачка, Италија и Франција, а најмалку жителите на Финска и на Ирска, покажуваат податоците од Евростат.
Податоците покажуваат дека повеќе од едно од пет лица имале големи тешкотии или тешкотии да врзат крај со крај во Бугарија, Словачка, Италија и Франција. Ако процентот на население кое има финансиски потешкотии да го преживее месецот се претвори во број на жители во секоја од овие земји поединечно тогаш може да се дојде до заклучок дека над 2,7 милиони жители на Бугарија имаат проблем да го преживеат месецот, 1,4 милиони Словаци, и по над 15 милиони жители на Италија и на Франција.
Главните причини за овие потешкотии се високата инфлација на храната и поскапувањето на енергенсите што доведе до спирала на покачувања на европскиот континент.
„Во вториот квартал од 2022 година, повеќето луѓе во земјите-членки на ЕУ кои учествуваат во кварталното собирање податоци за условите за живеење пријавија зголемени потешкотии при врзувањето крај со крај, во споредба со претходните квартали, како одраз на порастот на цените од почетокот на 2022 година“, велат од европската статистичка организација.
Во вториот квартал од 2022 година, уделот на населението што лесно или многу лесно врзува крај со крај се движел од 3,6 отсто во Бугарија до 40,5 отсто во Финска. Тоа значи дека само 3,6 отсто од Бугарите немале проблем да го поминат месецот, во споредба со над 40 отсто Финци.
„Уделот на оние што лесно или многу лесно врзуваат крај со крај е намален во однос на претходниот квартал во сите девет земји за кои се достапни податоци, освен за Италија (+0,3 процентни поени (п.п.)). Највисоко намалување на уделот на населението кое лесно или многу лесно врзува крај со крај во вториот квартал од 2022 година во споредба со претходниот квартал е забележано во Словенија (-4,4 п.п.) и во Австрија (-4,0 п.п.).“, велат од Евростат.
Меѓутоа, уделот на населението кое може да врзе крај со крај со голема тешкотија или со тешкотии се зголемуваше во последниот квартал за кој има податоци.
„Во вториот квартал од 2022 година, ова учество е зголемено во однос на првиот квартал од 2022 година во сите земји учеснички, освен Словенија и Финска, каде што е намалено за 0,1 п.п. и 0,5 п.п., соодветно. Во истиот квартал, најголем пораст на ова учество се забележани во Франција (+5,6 п.п.) и Австрија (+2,7 п.п.).“, покажуваат податоците на Евростат.
Уделот на населението кое може да врзе крај со крај со голема тешкотија или тешко се движел помеѓу 11 отсто во Финска и 39,8 отсто во Бугарија.