Пепелта и густиот чад кои ги исфрла вулканот Семеру, достигнаа висина од 1.500 метри, додека нивото на аларм е подигнато на највисоко ниво        Фото: АП

По активирањето на вулканот Семеру во индонезиската покраина Источна Јава вчера, околу 2.000 луѓе се евакуирани од околните села.

Според веста на Би-би-си (BBC), Националната агенција за справување со катастрофи на Индонезија (BNPB) соопштила дека 1.969 лица, вклучувајќи деца и постари лица, се евакуирани во безбедни зони од селата околу вулканот Семеру.

Се истакнува дека вулканот зафатил шест околни села, но дека нема повредени во случајот.

Министерството за транспорт на Индонезија соопшти дека пепелта и чадот од вулканот не предизвикале никакво нарушување во воздушниот сообраќај, но ги предупреди аеродромите во регионот да бидат внимателни.

Пепелта и густиот чад кои ги исфрла вулканот Семеру, достигнаа висина од 1.500 метри, додека нивото на аларм е подигнато на највисоко ниво.

Системот за аларм за вулкани во Индонезија е поделен во четири категории, „зелена“, „жолта“, „портокалова“ и „црвена“, што е највисоко ниво.

Во ерупцијата на вулканот Семеру на 4 декември 2021 година животот го загубија 51 лице.

Индонезија се наоѓа во зоната на земјотреси и вулкани наречена „Огнен прстен на Пацификот“, и има речиси 130 активни вулкани.

TRT Balkan / агенции
Популарни