Италија се соочува со невообичаено ран топлотен бран и недостаток на врнежи, особено во северната земјоделска долина По, која е погодена од најголемата суша во последните 70 години.     Фото: Ројтерс

Италија прогласи вонредна состојба во пет северни региони и најави вонредни мерки поради сушата што ја погоди долината По во последните недели. Ова е најголемата суша во земјата во последните 70 години.

Прогласена е вонредна состојба во пет региони - Фриули-Ромања, Фриули-Венеција Џулија, Ломбардија, Пиемонт и Венето – до 31 декември, се вели во соопштението на италијанската Владата, објавено денес.

Властите најавија фонд за помош на погодените од сушата во висина од 38,5 милиони долари.

Италија се соочува со невообичаено ран топлотен бран и недостаток на врнежи, особено во северната земјоделска долина По, која е погодена од најголемата суша во последните 70 години.

Вонредната состојба обезбедува „вонредни средства и овластувања“ со цел да се помогне во гаранцијата на јавната безбедност и компензација за загубите, додека надлежните настојуваат да обезбедат нормални услови за живот за населението погодено од сушата.

Според најголемиот земјоделски синдикат во земјата, Колдирети, сушата се заканува на повеќе од 30 отсто од националното земјоделско производство и половина од фармите во долината По.

Ниско ниво на водата

Меѓу другото, езерата Маџоре и Гарда се погодени од водостои пониски од вообичаените за овој период од годината, додека на југот, реката Тибар, која минува низ Рим, исто така се соочува со намалено ниво на водата.


По е најголемиот резервоар за вода на полуостровот, од кој голем дел го користат земјоделците. Изминативе денови неколку општини најавија рестрикции. Друга последица од сушата е што производството на хидроелектрична енергија нагло опадна.

Верона, град со над 250.000 жители, ја рационализираше употребата на вода за пиење, додека Милано најави затворање на своите украсни фонтани.

Хидроелектраните, кои претежно се на северот, во планинскиот дел на земјата, сочинуваат речиси 20 отсто од националното производство на енергија.

Соопштението на италијанските власти за вонредната состојба доаѓа еден ден откако најмалку седум лица загинаа по уривањето на глечерот на италијанските Алпи за кој премиерот Марио Драги рече дека „без сомнение“ е поврзан со глобалното затоплување.

AFP
Популарни