Повеќе од 100 Палестинци се убиени од израелските сили на Западниот Брег од 7, октомври / Photo: AA

Израелските доселеници во четвртокот им се заканија на Палестинците на окупираниот Западен Брег со нова „Накба“, навестувајќи дека ќе ги протераат насилно од нивните земји, како што се случи во 1948 година.

Според палестинската новинска агенција Вафа, доселениците поставиле летоци на возилата на палестинските фармери на периферијата на селото Деир Истија, во близина на провинцијата Салфит во северниот дел на Западниот Брег, барајќи од Палестинците да ги напуштат своите домови и села и да се преселат во Јордан.

„Доколку не ги исполнат барањата, доселениците преку напади и насилно ќе ги иселат фармерите од нивната земја“, цитира Вафа од еден од летоците напишани на арапски.

Коментирајќи ги заканите, селскиот кмет Фирас Дијаб, рече дека заканите се јасно видливи за сите, повикувајќи ги луѓето да останат будни.

„Накба или катастрофа“ е настан со кој речиси 800.000 Палестинци беа насилно протерани од своите домови и земји во 1948 година по основањето на Израел.

Тензиите се високи низ Западниот Брег откако избија борбите на 7. октомври меѓу палестинските групи и Израел во Газа.

Повеќе од 100 Палестинци се убиени од страна на израелските сили на Западниот Брег од 7. октомври.

Конфликтот во Газа започна кога палестинската група Хамас ја иницираше операцијата „Поплава Ал Акса“ - повеќестран ненадеен напад на 7. октомври што вклучуваше низа ракетни лансирања и инфилтрации во Израел по копно, море и воздух.

Хамас рече дека нападот бил одмазда за упадот во џамијата Ал Акса и зголеменото насилство од страна на израелските доселеници врз Палестинците.

Израелската војска потоа започна немилосрдно бомбардирање на цели на Хамас во Појасот Газа. Во конфликтот загинаа речиси 8.500 луѓе, меѓу кои најмалку 7.028 Палестинци и 1.400 Израелци.

AA
Популарни