Руската економија се уште добро се справува со последиците од санкциите     Фото: АА

Шест месеци по почетокот на војната во Украина, државата која се соочува со најмногу санкции во светот, Русија, барем засега релативно добро се справува со санкциите од западните држави чија цел е да и зададат удар на руската економија.

Негативните ефекти од санкциите се очекува Русија да ги почувствува во текот на следните месеци. Сепак се поставува прашањето: Колку е одржлива и отпорна руската економија?

Руската централна банка проектира рецесија од 4 до 6 отсто во 2022 година. Пред почетокот на војната проценките беа дека рецесијата ќе биде 3 отсто.

Сепак овие предвидувања се подобри од претходните предвидувања кои најавуваа рецесија од 8 до 10 отсто. Дека рецесијата ќе биде помала од предвиденото беше јасно со намалувањето на каматните стапки од руската централна банка минатата недела.

Русија ја намали нејзината основна каматна стапка за 150 базични поени на 8 отсто, многу повеќе од прогнозите за намалување за 50 базични поени. Со тоа каматните стапки беа потиснати под нивото од пред војната и беше поттикната домашната побарувачка.

Економскиот пад можеби нема да биде толку длабок

Податоците покажуваат дека економскиот пад ќе биде подолготраен, но веројатно нема да продре толку длабоко”, изјави Елвира Набиулина, гувернер на Руската централна банка. Банката очекува економски раст повторно во 2024 година.

Инфлацијата на годишно ниво во јуни во Русија изнесуваше 15,9 отсто, додека во мај изнесуваше 17,1 отсто. Тоа е близу до претходните проценки на Централната банка за годишна инфлација од 12 до 15 отсто за 2022 година. Првичните проценки беа годишна инфлација 18-23 отсто.

Порастот на цената на нафтата и фискалните стимулации и помогнаа на државата полесно да го надмине влијанието на санкциите. Русија оствари суфицит поради забраните за увоз и употребата на рубљата на сметка на доларот. Рубљата во однос на доларот достигна повисоко ниво дури и од она пред војната. Сепак индексот на доверба на потрошувачите е на најниска точка од 2014 година.

Рускиот автомобилски сектор претрпе голем удар од забраната за увоз. Продажбата на нови автомобили се намали за 82 проценти на годишно ниво. Во јуни беа продадени 27.761 автомобил.

„Иако санкциите дефинитивно и нанесоа штета на руската економија, штетата не е доволно сериозна за Москва да размислува за напуштање на Украина. Исто така земјата нема зошто да се грижи за економски колапс”, вели Крим Џан Кавакли академик од Универзитетот Бокони во Италија.

Тој смета дека Русија продолжува да заработува пари од меѓународната трговија бидејќи големите економии како Кина, Индија, Саудиска Арабија не се приклучија на притисокот на западот со санкции.

„Русија може да најде нови купувачи за својата нафта и гас, а порастот на цената на нафтата и помогна да најде нови купувачи. Русија продолжува да заработува пари. Сепак санкциите можат да имаат поголемо влијание на среден рок бидејќи Русија е исфрлена од глобалното производство и не може да набавува високотехнолошки производи. Ова значи дека руските компании како Гаспром може да се соочат со тешкотии”, изјави Џан Кавакли.

Освен ова, најавено е дека санкциите кон Русија во иднина ќе се зголемуваат.

Германија, еден од најголемите купувачи на јаглен од Русија, вети дека ќе го прекине увозот на руски јаглен од 1 август и нафта од 31 декември.

Заедно со Велика Британија, ЕУ треба постепено да престане да увезува руска нафта по морски пат до крајот на 2022 година. Земјите од Г7 објавија дека планираат да забранат увоз на руско злато кој изнесува околу десетици милијарди долари. Ова ќе го примени и ЕУ.

Сепак Кавакли не очекува овие работи да го променат однесувањето на Русија.

„Нејзината економија претрпе многу штета, но режимот на Путин може да остане на власт се додека негативните ефекти од економската ситуација ги чувствуваат обичните луѓе. Односно, ако обичните луѓе почувствуваат пад на нивната благосостојба за 20 отсто, елитата во Русија чиј интерес е Путин да остане на власт ќе настрада многу помалку”, смета Кавакли.

За него е јасно дека се додека Путин инсистира да присвои дел од Украина, санкциите ќе бидат на сила. Некои други земји како Куба во шеесеттите години на минатиот век, Иран од 1979 година, Ирак помеѓу 1991 и 2003 година исто така беа соочени со меѓународни санкции од причина што нивните авторитарни режими останаа на власт додека земјите слабееа на економски план.

AA
Популарни