Какво влијание би можел да има ChatGPT врз новинарството / Photo: AA

Од неговото пуштање во функција во ноември минатата година, ChatGPT, четботот воден од вештачката интелигенција што го разви компанијата за истражување и развој OpenAI, е тема на расправа во јавноста, но и меѓу новинарите во врска со потенцијалното влијание на таа апликација врз индустријата за вести и медиуми.

ChatGPT е способен автоматски да генерира текст врз основа на пишани прашања и да се вклучи во дијалошки интеракции со корисниците, одговарајќи на нивните прашања.

Тој се здоби со огромна популарност, достигнувајќи повеќе од 100 милиони корисници во првите два месеца.

Привлечноста на четботот лежи во неговите детални и човечки одговори во облик на разговор, вклучително и можноста за оспорување на неточни претпоставки и одговарање на дополнителни прашања.

Асошиетед прес, Ројтерс, Вашингтон пост, Би-би-си и Њујорк тајмс веќе имаат корист од вештачката интелигенција за производство на содржини, персонализирање на својата понуда и подобрување на ангажираноста на публиката.

Американската медиумска куќа BuzzFeed, исто така, планира да го користи ChatGPT за подобрување на своите квизови и за персонализација на одредени содржини за својата публика.

За агенцијата Анадолу (АА), Џонатан Сома, кој ја води програмата за дата-новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија, го опиша ChatGPT како „фантастична алатка“ за создавање идеи и давање предлози на новинарите.

„Но исто како и сите предлози, тие може да доведат до заблуда или да бидат неточни. Затоа ChatGPT најдобро функционира паралално со новинарите, како алатка за помагање во нивниот процес, а не како самостоен производ што ја врши работата на новинарот“, рече Сома.

Додаде дека многу медиумски куќи се воодушевени од користењето инструменти преку GPT за објавување стории, но истакна дека тоа е поскапа инвестиција.

„Тоа можеше да се види кога CNET неодамна објави голем број написи склони на грешки, дури и кога се тврди дека уредниците ги прегледуваат и ревидираат написите генерирани од вештачката интелигенција, веројатно не! Многу е лесно за деловниот случај на 'зголемување на продуктивноста' да се надмине способноста на новинарите“, наведе Сома.

CNET, технолошка веб-страница со седиште во САД, наводно објавила содржина целосно генерирана со вештачка интелигенција.

Прашан за улогата на ChatGPT во подобрувањето на квалитетот и ефикасноста на новинарството, Сома рече дека може да изврши добра работа за проверка на фактите и покрај неговата склоност кон „халуцинации“.

„Автоматизираните алатки засновани врз GPT за анализа на збир податоци и поставување прашања при голем број документи брзо созреваат и може да направат многу за подобрување на точноста на известувањето. На пример, ако пишувам за порастот на кражбите во продавниците, може автоматски да ја пребара базата на податоци и да види дали тоа е точна претстава“, рече Сома.

Во февруари годинава OpenAI го најави својот план да понуди услуга со претплата наречена ChatGPT Plus.

Оваа услуга би обезбедила голем број предности за своите претплатници, како што се побрзи одговори со приоритетен пристап до нови ажурирања и подобрувања. Претплатата чини 20 долари месечно.

ChatGPT има и некои ограничувања бидејќи може да даде погрешни одговори, не само еднаш туку и повеќепати.

OpenAI веќе прифаќа ограничувања.

„ChatGPT понекогаш пишува одговор што звучи убедливо, но е неточен или бесмислен“, признаа од компанијата.

Сома, исто така, се согласува дека најголем проблем со ChatGPT е „апсолутната точност“, што носи некои потенцијални етички проблеми поврзани со неговата употреба во новинарството, како што се проблемите со пристрасноста или точноста.

„Големите јазични модели имаат тенденција да ‘халусцинираат’ и да даваат одговори на прашања што се неточни, но звучат точно. Некој што може да каже 'не знам' е поверодостоен од некој што секогаш има одговор, а, за жал, многу тешко е да се наговори ChatGPT да каже 'не знам'“, рече Сома.

Прашан за предизвиците со кои би се соочиле новинарите при интегрирањето на ChatGPT во нивната работа, Сома истакна дека „стравот“ и „недостигот на знаење“ веројатно се најголемите проблеми со кои се соочува индустријата за вести.

„Размената на пораките околу ChatGPT се една од тие работи, таа е совршена и сезнајна или пак е пристрасна машина за ѓубре. Ако новинарите можат да одделат време, неповрзано со работата, да си играат со ChatGPT, тоа би им можело да им помогне да ги увидат неговата сила и слабост“, заклучи Сома.

TRT Balkan / агенции
Популарни