Кит, пензиониран генерал, се одликува со исклучителна воена и деловна кариера / Photo: AFP

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, денес го објави својот кандидат за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт, пренесува Анадолу.

„Ми претставува задоволство да го номинирам Кит Келог за помошник на претседателот и специјален пратеник за Украина и Русија“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth“.

Тој истакна дека Кит, пензиониран генерал, се одликува со исклучителна воена и деловна кариера, во која се вбројува и служење во високо чувствителни улоги за националната безбедност во неговата прва администрација.

„Тој беше со мене уште од самиот почеток! Заедно ќе го обезбедиме мирот преку моќта, и ќе ја направиме Америка и светот повторно безбедни“ рече новоизбраниот американски претседател.

Келог служеше како шеф на Кабинетот на Советот за национална безбедност на Белата куќа за време на мандатот на Трамп од 2017 до 2021 година и беше советник за национална безбедност на тогашниот потпретседател Мајк Пенс.

Трамп има критички став за финансиската поддршка која што се дава на Украина од САД, а американската поддршка може драстично да се намали откако тој ќе ја преземе функцијата во јануари. Трамп постојано изјавува дека сака да најде начин да стави крај на војната.

Мирослав Јенча, помошник генерален секретар на Обединетите нации за Европа, Централна Азија и Америка, предупреди претходно за „опасен циклус на ескалација“ во руско-украинскиот конфликт укажувајќи на алармантните случувања кои дополнително ја загрозуваат регионалната и глобалната стабилност.

„Мораме да го смениме опасниот циклус на ескалација“, нагласи Јенча.

AA
Популарни