Продолжувајќи со своите контрамерки против патувањето на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван на почетокот на неделата, Кина во петокот објави дека одлучила да воведе санкции за Пелоси и за нејзиното семејство.
„Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, инсистираше на посета на кинескиот регион Тајван. Ова претставува грубо мешање во внатрешните работи на Кина“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Тоа сериозно го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, сериозно го гази принципот на една Кина и сериозно ги загрозува мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец“, се вели во соопштението, нарекувајќи ја посетата на Пелоси „груба провокација“.
„Кина одлучи да воведе санкции за Пелоси и членовите на нејзиното потесно семејство во согласност со релевантните закони на Народна Република Кина“, се додава.
Пекинг започна масовни воени вежби околу Тајван, откако Пелоси го посети самоуправуваниот остров претходно оваа недела, наспроти предупредувањата на Кина која го смета за своја „отцепена провинција“.
Кина предупреди на сериозни „контрамерки“ против преземање на таквиот чекор, вклучително и воена акција.
Пелоси е првиот претседател на Претставничкиот дом на САД кој го посети Тајван во последните 25 години.
Таа ја предводи делегацијата на американски пратеници што го започнаа своето патување од Сингапур во понеделникот, по што следеше Малезија од каде што отпатува за Тајван, што предизвика лут одговор од Пекинг.
Таа во средата навечер го напушти Тајван и преку Јужна Кореја слета во Токио во четвртокот вечерта. Тајван не беше споменат во агендата на официјалната турнеја на Пелоси.