Целта на новите правила во ЕУ е намалување на емисиите на штетните гасови     Фото: Ројтерс (Архива) / Photo: Reuters Archive

Нови правила за автомобили, комбиња, автобуси и камиони наречени Еуро 7 во наредните две до четири години треба да стапат на сила во Европската Унија (ЕУ). Целта на новите правила претставени минатата недела е намалување на емисијата на штетните гасови и токсични материи од издувните системи, но и од сопирачките и гумите. Вклучително и ултраситните честички како јаглеводород и јаглерод моносксид.

Предвидувањата се дека новите правила ќе придонесат емисиите на азотните оксиди од автомобилите и комбињата да се намалат за 35 отсто, а од автобусите и камионите за околу 50 отсто. И дека честичките во издувните гасови ќе се намалат за 13 отсто од автомобилите и комбињата, и 39 отсто од автобусите и камионите, додека честичките од сопирачките на автомобилите ќе се намалат за 27 отсто.

„Се очекува повеќе од 20 отсто од автомобилите и комбињата и повеќе од 50 отсто од тешките возила на нашите улици да испуштаат штетни материи до 2050 година“, велат од Европската комисија.

„Емисиите ќе се следат со вградени сензори и ќе се осигура дека емисиите нема да се зголемуваат несразмерно со текот на времето, дури и кога овие возила се извезуваат во трети земји“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Проценките се дека загадениот воздух е причина за 300.000 предвремени смртни случаи во ЕУ во 2018 година. Од нив 70.000 се од загадување од ситни честички и азотни оксиди од патниот сообраќај.

Пакет „Подготвени за 55”

Предлогот ќе биде доставен до Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ со цел насоките да стапат на сила во јули 2025 година за автомобили и комбиња и јули 2027 година за тешки возила.

Минатиот месец пратениците во Европскиот парламент постигнаа договор за забрана на продажба на нови автомобили и комбиња на бензин и дизел до 2035 година.

Договорот беше првиот договор од пакетот „Подготвени за 55” (Fit for 55) кој Европската комисија го постави за да ја постигне целта за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто во текот на оваа деценија.

Според договорот, од производителите на автомобили ќе се бара да ги намалат емисиите на новите автомобили продадени за 55 отсто во 2030 година, во споредба со 2021 година, пред да постигнат намалување за 100 отсто пет години подоцна.

Критики од автомобилската индустрија

Oграничувањата наидоа на критики од автомобилската индустрија. Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) тврди дека сегашните стандарди за загадувачи веќе биле строги и „на едвај мерливо ниво“ благодарение на високата технологија.

Оттаму сметаат дека со предлогот се ризикува да се забави транзицијата кон транспорт со нула емисии, бидејќи средствата може да се пренасочат електричните возила кон моторите со согорување.

Мартин Сандер, генералниот директор на Форд Европа, рече дека автомобилската индустрија треба да се фокусира на преминот кон целосно електричен погон наместо „да ги пренасочува ресурсите кон претходната технологија“.

ЕУ проценува дека новите правила ќе ги зголемат цените на автомобилите од 91-152 долари и околу 2.640 долари на камионите. Но, директорот на ACEA, Оливер Зипс, смета дека измените ќе придонесат за големи поскапувања.

Европската Комисија исто така, како што известува CGTN планира да ги прошири условите за тестирање на автомобилите до 45 степени Целзиусови. Автомобилската индустрија тврди дека тоа се екстремни услови за возење кои се речиси нерелевантни во реалниот живот.

TRT Balkan / агенции
Популарни