Оброк кој содржи месо, риба или еквивалент од вегетаријанска храна секој втор ден не можеле да си дозволат 44 проценти од Бугарите кои се во ризик од сиромаштија, за разлика од 5 отсто Ирци кои се соочуваат со исти проблеми / Photo: AP

Над 8 отсто од населението на Европската унија (ЕУ) лани не можело да си дозволи соодветен оброк, односно оброк кој содржи месо, риба или еквивалент од вегетаријанска храна секој втор ден. Тоа е зголемување за еден процент во споредба со 2021 година (7,3%).

Згора на тоа, во 2022 година е зголемен и бројот на луѓето во ризик од сиромаштија според капацитетот да си дозволи соодветен оброк, а чие што учеството на ниво на ЕУ беше 19,7 отсто, или за 2,2 проценти повисоко отколку во 2021 година (17,5%).

Во 2022 година, разликата помеѓу вкупното население и населението во ризик од сиромаштија во однос на капацитетот да си дозволи соодветен оброк беше видлива и низ земјите на ЕУ: најголем удел на луѓе изложени на ризик од сиромаштија кои не можат да си дозволат соодветен оброк е забележан во Бугарија (44,6%), потоа Романија (43,0%) и Словачка (40,5%). Од друга страна, најниско учество е забележано во Ирска (5,0%), по што следат Луксембург (5,1%) и Грчката администрација јужен Кипар (5,6%).

Капацитетот да се дозволи оброк со месо, пилешко, риба или нивни вегетаријански еквивалент секој втор ден е меѓу ставките кои се бележат на ниво на домаќинствата за да се пресмета стапката на тешка материјална и социјална ускратеност. Ова е еден од главните показатели на Европскиот столб за социјални права - Социјална табела на индикатори.

Способноста да се обезбеди соодветен оброк е исто така дел од Целите за одржлив развој (Social Scoreboard of indicators-SDGs). Втората цел „Нулта глад“ (SDG 2) се стреми да го искорени гладот ​​и сите форми на потхранетост, истовремено обезбедувајќи пристап до безбедна, квалитетна и соодветна храна.

Според Евростат, во 2022 година 95,3 милиони луѓе или 22 отсто од населението биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Во оваа категорија влегуваат граѓани кои живеат во домаќинства кои се соочуваат со најмалку еден од трите ризици: ризик од сиромаштија, од тешка материјална состојба и социјална ускратеност и живеење во домаќинство со многу низок интензитет на вработеност.

Бројката остана релативно стабилна во споредба со 2021 година кога 95,4 милиони луѓе во ЕУ изложени на ризик од сиромаштија. Романија (34%), Бугарија (32%), Грција и Шпанија (26%) се држави со најголем процент на граѓани изложени на сиромаштија и социјална исклученост, за разлика од Чешка (12%), Словенија (13%) и Полска (16%) каде овој процент е најмал.

Статистиката покажува дека во 2021 година на ризик од сиромаштија биле изложени 64,4 проценти од невработените жители на ЕУ, а кои се постари од 18 години. Независно од нивниот статус 24,4 отсто од граѓаните под 18 годишна возраст и 19,5 проценти постари од 64 години биле изложени на ризик од сиромаштија.

Во Бугарија во 2021 година десет отсто вработени Бугари имале проблем да си ги подмират трошоците за живот, а 11,6 проценти биле преоптоварени со трошоците за домување за кои трошеле повеќе од 40 отсто од нивниот приход.

TRT Balkan / агенции
Популарни