Стапките на учество на возрасните граѓани во учењето во речиси сите земји на ЕУ постојано се зголемуваа помеѓу 2011 и 2021 година / Photo: ТРТ Балкан

Големи разлики во подготвеноста за доживотно учење на возрасните граѓани можат да се забележат меѓу членките на Европската Унија. Според податоците кои ги објави ЕУ, разликата од оние со најмал до оние со најголем процент во 2021 изнесувала 33 отсто. Но, сепак глобално вкупната стапка на подготвеност за учење на возрасното население изнесува 11 отсто што е поголема за 2 отсто од 2020 и на исто ниво со 2019 година.

Каде подготвеноста е најголема, а каде најмала?

Стапките на учество на возрасните граѓани во учењето во речиси сите земји на ЕУ постојано се зголемуваа помеѓу 2011 и 2021 година. Најголеми зголемувања има во Холандија 10 отсто, Шведска девет отсто и Финска седум отсто. Најголеми намалувања има во Данска десет отсто и Чешка шест отсто.

Во Шведска 35 отсто од возрасните се подготвени на учење, во Финска 31 отсто, а во Холандија 27 отсто.

На другиот крај на скалата, најмал удел на учество на возрасни во учењето се забележани во Бугарија два отсто, Грција четири отсто и Словачка, Романија, Хрватска и Полска по пет отсто.

Година на вештини

2023 година ЕУ ја прогласи за година на вештини во која сериозно се нагласуваат позитивните ефекти од имањето специјализирана работна сила. Во моментов, повеќе од три четвртини од компаниите во ЕУ односно 77 отсто велат дека имаат потешкотии да најдат работници со потребните вештини, додека само 37% од возрасните редовно се обучуваат.

Работниците со специјализирани вештини особено влијаат една држава да има одржлив раст. Тоа придонесува и за повеќе иновации и конкурентност на компаниите.

ЕУ се надева дека Европската година на вештини ќе обезбеди учество на најмалку 60% од возрасните на обуки и ќе помогне најмалку 8 % од нив да се стекнат со основни дигитални вештини.

“Потребен ни е многу поголем фокус во нашата инвестиција во професионалното образование и надградба. Ни треба подобра соработка со компаниите, бидејќи тие најдобро знаат што им треба. И ние треба да ги усогласиме овие потреби со аспирациите на луѓето. Но, ние исто така треба да ги привлечеме вистинските вештини на нашиот континент, вештини кои им помагаат на компаниите и го зајакнуваат растот на Европа”, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

TRT Balkan / агенции
Популарни