Борба против организиран криминал и корупција.Ова Европската унија најчесто го наведува како еден од приоритетите во извештаите за напредокот на државите во регионот. Но и самата ЕУ не е имуна на корупција. За тоа се доказ последните корупциски скандали поврзани со европратеници, но и случаите поврзани со нивни колеги од минатото. Во продолжение потсетуваме на седум високо позиционирани личности во Брисел поврзани со два големи корупциски скандали. Четворица се поврзани со последниот скандал околу влијанието во ЕП во корист на земја од Заливот, а тројца со скандалот со лажните лобисти од 2011 година.
Ева Каили
Потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од Грција Ева Каили неодамна беше уапсена во Белгија поради корупција. Според белгиското обвинителство, станува збор за случај во кој Катар се обидела да влијае на економските и политичките одлуки на Европскиот парламент. Белгиската полиција се сомнева во корупција и перење пари. Извршени беа 16 претреси вклучително и во домот на Каили и беа пронајдени 1,5 милиони евра во готовина. Каили е осомничена дека била платена од Катар за да лобира за интересите на оваа земја. Таа беше разрешена од позицијата потпретседател на Европскиот парламент.
Пјер Антонио - Панцери
Заедно со Ева Каили беше приведен и поранешниот италијански европратеник Пјер Антонио – Панцери. Тој е клучен осомничен во скандалот. Во јануари ја призна вината дека ја организирал измамата. Панцери постигна договор со признавањето вина. Тоа предвидува ограничена казна затвор од една година со откривање детали за измамата и инволвирани луѓе.
Марк Тарабела и Андреа Коцолино
Белгиската полиција уапси уште еден европратенк, Марк Тарабела, а вропратеникот Андреа Коцолино беше уапсен за истиот случај во Италија и Белгија и чека екстрадиција. На Тарабела веќе му е одреден притвор. И двајцата се осомничени дека примиле пари за да лобираат за трети земји. Тарабела е обвинет дека добивал поволности од Катар, а Коцолино дека бил под влијание на Катар и Мароко. Двајцата ги негираат обвинувањата.
Талер, Штрасер, Северин
И во минатотот имаше случаи на корупција со европратеници. Поранешниот словенечки европратеник Зоран Талер во 2014 година беше осуден на затвор од две и пол години и казна од 15 000 евра. Талер беше осуден поради обвинение за корупција додека беше европратеник.
Во 2011 година новинари на Сандеј тајмс се претставија како лобисти и побараа од Талер за награда од 100.000 евра да лобира за носење на европски закон.
Поранешниот австриски европратеник и министер за внатрешни работи Ернст Штрасер за истиот случај беше осуден на четири години.
Трет европратеник кој се согласи да влијае и за возврат да добие пари беше Романецот Андреа Северин. Тој ги известил новинарите на Сандеј Тајмс кои се претставиле како лажни лобисти дека поднел закон во Европскиот парламент и за тоа им доставил фактура од 12.000 евра.
Северин одби да поднесе оставка од позицијата во европскиот парламент, а замина од Социјалдемократската партија на Романија.